Двата проекти од програмата Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица” и „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување” беа презентирани пред околу 30 претставници на невладиниот сектор во државата. Презентацијата се одржа на 21 септември 2017 г. во ЕУ Инфо центарот во Скопје.
Настанот го отвори г. Никола Бертолини, Раководител на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ, г-ѓа Тања Ракушиќ-Хаџиќ, Раководител на Одделението за кривично-правна соработка при Советот на Европа, г. Јовица Стојановиќ, Директор на Управата за извршување санкции при Министерството за правда и г. Сашко Герасимов, Раководител на Секторот за криминалистичко-оперативни работи во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерство за внатрешни работи. Сите тие ја потенцираа важноста од јакнење на соработката со граѓанскиот сектор во државата. Дополнително, и двете институции – кориснички на проектите ја изразија својата подготвеност за зголемување на вклученоста на релевантните невладини организации во своите секојдневни активности. Г. Петар Јорданоски, проектен раководител во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје ги презентираше очекуваните резултати, постигнувања, предизвици и следните активности на овие проекти.
По презентацијата следеше отворена дискусија со претставниците на граѓанскиот сектор во однос на зајакнувањето на нивната вклученост во проектните активности. Како заклучок, беше договорено дека сите заинтересирани невладини организации кои се присутни на настанот ќе достават до Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје предлози за експертиза и понатамошна поддршка која би можеле да ја обезбедат за институцијата - корисник, земајќи ја во предвид крајната цел која треба да се постигне со овие проекти.
