Јавната дебата која се одржа во форма на тркалезна маса за предложениот модел на Надворешен механизам за контрола на работата на полицијата беше организирана на 4 април 2017 г. во Скопје.
Целта на тркалезната маса беше пред стручната јавност да се презентира моделот „Обвинителство плус’’, кој беше идентификуван како најсоодветен модел на механизам за надворешна контрола од страна на мулти-институционалната работна група составена од претставници од релевантните министерства, организации и граѓанското општество.
Тркалезната маса ја отворија г. Никола Бертолини, Раководител на Сектор за соработка при Делегацијата на Европската унија, г-ѓа Моника Мартинез, Шеф на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, како и г-ѓа Сања Димитриевска, Државен секретар во Министерството за внатрешни работи, која се осврна на потребата од воспоставување на надворешен механизам за контрола на полицијата и го презентираше ставот на Министерството за внатрешни работи во однос на предложениот модел.
На тркалезната маса присуствуваа повеќе од 50 учесници, вклучувајќи ги претставниците од релевантните државни институции, имено Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, канцеларијата на Народниот правобранител, јавното обвинителство, како и претставници од судството, академската заедница и невладиниот сектор, кои дадоа корисен придонес во однос на предложениот модел. Земајќи ги во предвид коментарите на учесниците на тркалезната маса до крајот на април 2017 г. работната група ќе го финализира својот предлог во однос на најсоодветниот модел за надворешна контрола и ќе го достави до властите за нивно разгледување и усвојување.
