Состанокот помеѓу Раководителот на Одделението за кривично-правна соработка при Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото на Советот на Европа г-ѓа Тања Ракушиќ – Хаџиќ и Министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски се одржа на 28 јуни 2017 г. во Скопје. Состанокот се фокусираше на активностите за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Советот на Европа во рамките на проектот од Horizontal Facility „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување”.
На состанокот министерот Спасовски ја искажа својата поддршка на проектот и ја повтори заложбата на МВР за продолжување на соработката со Советот на Европа во областа на воспоставување на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата, јакнење на работата на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како и во однос на континуираната обука на полициски службеници во областа на човековите права и полициската етика. Министерот нагласи дека е потребно да се воведе надворешен механизам за контрола на работата на полицијата во државата и потврди дека предлогот за воспоставување на посебно одделение во рамките на Јавното обвинителство и одделение во рамките на канцеларијата на Народниот правобранител, кое истовремено ќе го вклучи и граѓанскиот сектор е одлично и одржливо решение.
По средбата со претставниците од МВР, раководителот на Одделението за кривично-правна соработка оствари средба и со новоизбраниот Заменик министер за правда Оливер Ристовски. Средбата се фокусираше на соработката помеѓу Советот на Европа и Министерството за правда во однос на спроведувањето на проектот во рамките на Horizontal Facility „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица”, претстојните законски измени во областа на извршувањето на санкциите, како и на воспоставувањето на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата во државата.
Состаноците беа организирани како дел од двата проекти „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување” и „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица”, кои се финансирани од страна на Европската унија и Советот на Европа во рамките на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција”.
