Back Раководни службеници на затворската полиција ги унапредија своите капацитети за спречување на несоодветното постапување во Северна Македонија

Раководни службеници на затворската полиција ги унапредија своите капацитети за спречување на несоодветното постапување во Северна Македонија

Дваесет и двајца раководни службеници на затворската полиција од сите 12 пенитенцијарни установи ги зајакнаа своите капацитети за спречување на несоодветно постапување и прописно пријавување на инциденти, придонесувајќи кон поголема одговорност и заштита на човековите права во затворите.

Дводневната сесија за градење капацитети (13-14 јули 2026 год. во Скопје), се фокусираше на спречување на несоодветното постапување, постапките за известување, како и практичното спроведување на Член 3 од Европската конвенција за човекови права, со кое се забранува мачењето и нечовечкото или понижувачкото постапување или казнување. Овој настан се надоврзува на сличните сесии за високите полициски службеници, обвинители и судии.  

Учесниците дискутираа за домашната правна рамка, релевантните стандарди на Советот на Европа и одговорностите на високите службеници на затворската полиција во спречување на несоодветното постапување. На работилницата беа разгледани и релевантни предмети за кои Европскиот суд за човекови права ги известил државните органи. Конкретните предизвици со кои затворските полицајци се соочуваат во својата пракса беа дискутирани со раководителката на Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција (Механизмот за надворешна контрола во рамки на Основното јавно обвинителство). На настанот учествуваше и в.д. директорот на Управата за извршување на санкции.

Реализираните сесии се дел од задолжителната обука за службеници на затворската полиција, предвидена со годишната програма за континуирана обука, фокусирана на употребата на сила и средства за принуда, постапките за справување со насилни инциденти и нивното пријавување до јавниот обвинител.

Оваа активност беше спроведена во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција”, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.

Скопје, Северна Македонија 13-14 јули 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Добредојдовте во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје 

Северна Македонија стана 38-ма земја-членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995 година и активно учествува во сите аспекти на мисијата и работата на нашата Организација за промовирање на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје е основана во 2012 година и покрива разновидни проекти на соработка.

Работејќи во блиска соработка со националните власти, претставниците на граѓанското општество и другите партнери, Канцеларијата моментално спроведува клучни заеднички програми на Европската унија и Советот на Европа. Особено, Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција (Хоризонтален инструмент III) е фокусиран на реформата во правосудниот систем, борбата против економскиот криминал, промовирањето на антидискриминацијата и заштитата на правата на ранливите групи, како и подобрувањето на примената на европските стандарди во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите.

Дополнително, за промовирање на демократијата и човековите права во и преку образованието и опремување на младите со компетенции за живеење во мултикултурно општество, проектот Квалитетно образование за сите – градење демократска отпорност – Северна Македонија се спроведува со финансиска поддршка од Германија.

Дополнителни активности за соработка се спроведуваат во рамките на клучните регионални заеднички програми со Европската Унија, фокусирани на зајакнување на улогата и капацитетите на локалните власти во Западен Балкан во спроведувањето и следењето на реформските агенди во рамките на Инструментот за реформи и раст на ЕУ (LORAI) и борбата против киберкриминалот (CyberSEE).

Повеќе информации за Северна Македонија и Советот на Европа

HORIZONTAL FACILITY III ПРОЕКТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА