Новинар(к)ите и медиумските работници/чки во Северна Македонија добија нова практична алатка за препознавање, превенција и справување со тужбите со заплашувачка цел (SLAPP – Strategic Lawsuits Against Public Participation), кои претставуваат сè почест механизам за притисок врз слободата на изразување и независното новинарство.
Водичот, подготвен во рамките на акцијата на Европската Унија и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и медиумите во Северна Македонија“, има за цел да им помогне на новинар(к)ите навремено да ги препознаат карактеристиките на SLAPP тужбите, да разберат како функционираат овие постапки и да добијат практични насоки за нивна правна и професионална заштита.
SLAPP тужбите претставуваат злоупотреба на судските постапки со цел да се замолчат критичките гласови и да се обесхрабри известувањето за прашања од јавен интерес. Иако формално се поднесуваат за заштита на угледот или други права, нивната вистинска цел често е да предизвикаат финансиски, професионален и психолошки притисок врз новинарите и медиумите, создавајќи таканаречен „ладен ефект“ врз слободата на изразување.
Водичот нуди сеопфатен преглед на поимот SLAPP, неговите главни карактеристики и индикатори, релевантната меѓународна судска пракса, како и примери од домашниот контекст. Во публикацијата се обработени и новите анти-SLAPP механизми во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и практични препораки за превенција, постапување пред и за време на судска постапка, психолошка поддршка и достапни ресурси за новинарите.
Публикацијата е подготвена во време кога на европско ниво се зајакнуваат механизмите за заштита од злоупотреба на судските постапки, вклучително и преку Директивата на Европската Унија за заштита на лицата кои учествуваат во јавната дебата од очигледно неосновани или злоупотребувачки судски постапки (Анти-SLAPP директива) и Препораката CM/Rec(2024)2 на Советот на Европа за спротивставување на SLAPP тужбите.
Со оваа публикација, Советот на Европа придонесува кон јакнење на отпорноста на медиумската заедница, унапредување на знаењето за правната заштита и создавање побезбедна средина за новинарите да продолжат да известуваат за прашања од јавен интерес без страв од злоупотреба на судските постапки.
Оваа иницијатива се спроведува од страна на Одделението за соработка во областа на слободата на изразување, во рамките на акцијата „Заштита на слободата на изразување и медиумите во Северна Македонија“, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.
Водичот е достапен на македонски јазик и може да се преземе тука.





