Повеќе од 100 учесници од различни национални институции и претставници на граѓанското општество беа детално информирани во врска со воспоставувањето на надворешен механизам за контрола на работата на полицијата преку три тркалезни маси кои се одржаа во Скопје (06 февруари), Штип (07 февруари) и Битола (08 февруари 2019 г.). На тркалезните маси се дискутираше околу оперативните и структурните предуслови, како и практичните подготовки кои би овозможиле соодветно функционирање на новиот механизам за контрола.
Предлогот за надворешниот механизам за контрола на полицијата беше изготвен од страна на работна група која го идентификуваше двостепениот модел „Обвинителство плус’’ како најсоодветен модел за државата со цел да се зајакне независната контрола над полицијата преку воспоставување ефикасен надворешен механизам. Со усвојувањето на потребните законски измени во октомври 2018 г., беше формирано Специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во рамки на Јавното обвинителство, додека Одделението за граѓанска контрола на полицијата со учество на тројца претставници од невладиниот сектор во моментов е во процес на воспоставување во рамките на Канцеларијата на Народниот правобранител.
На тркалезната маса учествуваа претставници од сите релевантни национални чинители, имено претставници од Основните и Вишите јавни обвинителства во државата, Канцеларијата на Народниот правобранител, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, судии од основните и апелационите судови, претставници од невладините организации, како и претставници на академската и на меѓународната заедница.
Процесот на изготвување на предлогот за надворешниот механизам за контрола на полицијата и следствено, презентацијата на ново-воспоставениот механизам беа спроведени како дел од проектот „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување”, ко-финансиран од страна на Европската Унија и Советот на Европа во рамки на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција” и спроведуван од Советот на Европа.

