Back Триесет и пет трудови инспектори во Скопје и Битола го зголемија своето знаење за заштита од дискриминација на работно место и принудна работа

Триесет и пет трудови инспектори во Скопје и Битола го зголемија своето знаење за заштита од дискриминација на работно место и принудна работа

Триесет и пет трудови инспектори го зголемија своето знаење на темата заштита од дискриминација на работното место со фокус на јавниот сектор и соодветните ранливи групи, особено Ромите. Тие исто така научија за разликите меѓу трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација наспроти принудната работа и дискриминација на работното место. За мнозинството од учесници, оваа обука претставуваше прва можност да научат за антидискриминаторската регулатива и институционалната рамка за заштита од дискриминација на работното место. Интерактивните методи за обука надополнети со практични вежби поттикнаа дискусии и исцрпно запознавање од страна на учесниците.

Горан Нешовски, советник за правна заштита во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги претстави надлежностите на Комисијата и нивната работа која е релевантна во однос на спречувањето и заштитата од дискриминација на работното место. Тој исто така претстави интересни и корисни податоци од извештаите на Комисијата и нагласи дека Комисијата има постапувано по 2 жалби за наводна дискриминација при вработување во јавниот сектор.

Јасна Оровчанец Арангеловиќ, експертка на полето на антидискриминација, претстави многу корисни и важни информации во однос на правната рамка и разните заштитни механизми и алатки кои се на располагање на граѓаните и лицата кои се соочуваат со дискриминација. Дополнително, преку практични примери и структурирана дискусија, учесниците разгледаа неколку случаи на дискриминација за кои требаше да го утврдат нивниот исход, врз основа на дадените информации.

Меѓународната експертка за трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, Клара Скриванкова, го објасни континуумот на експлоатација кој се протега од помали прекршувања на трудовото право до трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. На практичен начин, таа го сподели користењето на разни индикатори низ целиот циклус на работа, што може да биде применето од страна на трудовите инспектори при разликување на прекршувањето на трудовото право од кривичен престап. „Огласите за работно место може да се користат за да се провери дали постои елемент на измама во текот на фазата на регрутирање/врбување. Други докази за измама може да се соберат преку прегледување на првично потпишаните договори за работа и видео записи од системите за видео надзор со затворено коло на телевизиски камери, преку набљудување на работното место, или преку разговор со колегите“ – истакна Клара Скриванкова. Дополнително, таа зборуваше за родовата експлоатација, профилирање на мажите-жртви на трговија со луѓе.

Фасилитаторите од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, РОМАКТЕД 2, Џенгис Бериша, Фатма Бајрам Аземовска, Алмира Кагури и Фирдеза Зекирова го преставија концептот на Антициганизам како специфична форма на расизам и дискриминација против Ромите. Антициганизмот е историски конструиран, настојчив комплекс на расизам против општествени групи идентификувани под стигмата „циган“ или други поврзани термини. Фасилитаторите на РОМАКТЕД посочија на пристапот на Ромите до вработување и бариерите со кои тие се соочуваат на нивното работно место. Исто така, беа претставени и афирмативните мерки усвоени од државата како и фактот дека постои недостаток на мерки за контролен механизам за спречување на злоупотребата на афирмативните мерки и обезбедување на нивно целосно користење.

Обуките беа спроведени заеднички од страна на проектите „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија„ и „Промоција на разноликост и еднаквост во Северна Македонија“ во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, во соработка со проектот ROMACTED II „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“.

Скопје и Битола 6 - 7 јуни 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page