Back Адвокат(к)и од Северна Македонија го прошируваат своето знаење во делот на слободата на изразување

Адвокат(к)и од Северна Македонија го прошируваат своето знаење во делот на слободата на изразување

За време на Четвртата каскадна обука, 50 адвокат(к)и од Северна Македонија се запознаа со концептот и клучните меѓународни принципи за слободата на изразување, со посебен фокус на трослојниот тест и пристапот на Европскиот суд за човекови права кога постапува по случаи за клевета и навреда. Оваа обука беше организирана како дел од соработката со Адвокатската комора на Северна Македонија во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа за „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (ЈУФРЕКС).

Локалните експерти и меѓународната експертка на Советот на Европа на учесниците/чките им ја презентираа релевантната домашна легислатива и европските стандарди како и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во делот на слободата на изразување, а посебно во делот на клевета и навреда. Исто така беше истакнат и трослојниот тест и како истиот се применува во меѓународен и домашен контекст. Дискусиите кои следеа по презентациите придонесоа за размена на практичните искуства и мислења за тоа како да се примени судската пракса на Европскиот суд за човекови права пред домашните судови.

Оваа каскадна обука, која како целна група ги опфати адвокат(к)ите, претставува платформа за размена на пракса и искуства, обезбедува одржливост и придонесува кон подобрување на примената на европските стандарди на локално ниво. Со зголемувањето на бројот на случаи пред домашните судови, знаењето со кое се стекнаа адвокат(к)ите на тема клевета и навреда е од огромна важност за да се обезбеди високо квалтетна правна заштита на страните во такви случаи.

Оваа обука беше организирана во рамки на Договорот за грант со Адвокатската комора на Северна Македонија, а во склоп на проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“. Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, која им овозможува на корисниците да ги спроведат реформските планови во областите човекови права, владеење на правото и демократијата, и да се усогласат со европските стандарди, вклучително, по потреба, во рамки на процесот на проширување на ЕУ.

Охрид 24 - 25 јуни 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page