Надлежните институции во Северна Македонија дискутираа за потребите и спецификите на изработката на Стандардните оперативни процедури (СОП) за подготовка на отпуст и пост-пенална поддршка, кои треба да се изработат во претстојниот период. На работилницата организирана на 7 март од страна на проектот на ЕУ и Советот на Европа „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија” учествуваа претставници на Управата за извршување на санкции, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, затворски и пробациски службеници, судии и претставници на граѓанските организации, кои заедно ја утврдија насоката по која ќе се изготви функционален СОП.
Во фокусот на дискусијата беа меѓу-институционалната соработка, размената на информации во реално време како и управувањето со предмети, кои ќе бидат уредени со овој СОП. Учесниците се согласија за начелата на меѓу-секторската соработка основана на деталниот документ, кој ќе се изработи од работната група со широк опфат.
Претходно, во рамките на Хоризонталниот инструмент II, институциите на Северна Македонија беа поддржани во изработката и усвојувањето на сличен СОП за лицата осудени за насилен екстремизам, кој се пилотираше во втората половина на 2022 година. Ова искуство е клучно за подготовката на тековниот документ, како и во надминување на појавените пречки.
Дискусијата беше организирана во рамките на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.
