Back Соработката и партнерство во борбата против трговија со луѓе во фокус на дискусијата меѓу клучните локалните чинители

Соработката и партнерство во борбата против трговија со луѓе во фокус на дискусијата меѓу клучните локалните чинители

Трговијата со луѓе е сериозно прекршување на човековите права и претставува сложено кривично дело кое на трговците со луѓе им носи голем профит. Партнерството меѓу клучните засегнати страни во спречувањето на трговијата со луѓе, заштитата на жртвите на трговијата со луѓе и кривичното гонење на трговците е клучно за ефективен и соодветен одговор во борбата против трговијата со луѓе. За да се поддржи соработка и поттикне партнерство меѓу локалните чинителите во борбата против трговија со луѓе, Амбасадите на Шведска и Франција, како и Мисијата на ОБСЕ во Скопје заеднички организираа панел дискусија на тема: спречување, заштита, кривично гонење и партнерство на полето на борбата против трговијата со луѓе. На настанот поддржан од заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија“, присуствуваа осумдесетина учесници од амбасадите, меѓународните организации, локални институции и НВО секторот.

За жал, според најновите извештаи јасно е дека она што го правиме не е доволно за спречување на трговијата со луѓе и заштита на жртвите од ова кривично дело. Податоците од Обединетите Нации како и оние од ЕУ покажуваат дека премногу луѓе во светот се експлоатирани сексуално како жртви на трговијата со луѓе, од кои големо мнозинство се жени, а премногу од нив се деца“- изјави г-а. Ана Екстед, Амбасадорката назначена за борба против трговијата со луѓе при Министерството за надворешни работи на Шведска.

Г. Жан-Клод Бруне, Амбасадорот назначен за борба против транснационални криминални закани при Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, ја нагласи политиката на Франција против трговијата со луѓе која е инкорпорирана во меѓу-министерскиот план за идентификување, заштита на жртвите, истражување и кривично гонење на извршителите на организираниот криминал. Тој се осврна на глобалниот пристап, и европските и билатералните синергии насочени кој зајакнување на одговорот во борбата против трговијата со луѓе.

Г-а. Светлана Влаховиќ-Димановска, Заменик-национална координаторка на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција на Северна Македонија ги сподели последните информации по однос на зголемениот број на идентификувани жртви, каде што мнозинството од нив се трудово експлоатирани. Таа предупреди од зголемените ризици за трговија со луѓе како резултат на пандемијата и злоупотребата на интернетот за врбување на жртви на трговија со луѓе.

Многу од глобалните и регионалните предизвици се пресликуваат во Северна Македонија, каде има случаи на сексуална и трудова експлоатација. Исто така има извештаи за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација, како и сериозни индикатори дека ромските деца се принудувани да питачат и продаваат на улиците“ – изјави заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г. Џефри Голдстин.

Претставниците на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, канцеларијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, НВО-ата Отворена Порта и Македонското здружение на млади правници, и Меѓународната организација за миграција, дискутираа за моменталната состојба, резултатите, предизвиците и можните решенија во однос на превенцијата, заштитата, кривичното гонење и партнерствата во борба против трговијата со луѓе. Дискусијата беше фокусирана на тоа како локалната и меѓународната соработка може да го унапреди идентификувањето и кривичното гонење на случаите на трговија со луѓе вклучувајќи ги и мигрантите, унапредување на меѓународната и транснационалната соработка во заедничката борба против трговијата со луѓе, подобрување на усогласеноста со меѓународните заложби против трговијата со луѓе, обезбедување на фондови за соодветна помош на идентификуваните и лицата за кои се претпоставува дека се жртви на трговија со луѓе, и вклучување на трудовите инспектори, здравствените работници и работниците од областа на образованието како чинители во борбата против трговијата со луѓе.

Во заклучните забелешки, Амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Нејзината екселенција Кристин Форсгрен Бенгтсон изјави, “Како на ниво на ОН, така и како претседавач на ОБСЕ, ние ставивме силен нагласок на родовата еднаквост и вклучувањето на жените во сите процеси“. Таа понатаму зборуваше за позитивните примери на Шведска и Франција кои ги имаат здружени силите во борба против трговијата со луѓе заради сексуална експлоатација во Европа и на глобално ниво.

Неговата екселенција Сирил Баумгартнер, Амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија ја подвлече важноста од соработка меѓу државите од кои потекнуваат жртвите, државите на транзит и оние кои се крајна дестинација, како и примена на казни кои на трговците со луѓе ќе делуваат разубедувачки. На крајот на своето излагање тој изјави дека Северна Македонија својот план за борба против трговијата со луѓе треба да го заснова на спречување, заштита, кривично гонење и партнерство, за да ја интензивира борбата против трговија со луѓе.

Проектот „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија“ е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II“, кој за цел има да им помогне на корисниците од Западен Балкан и Турција да ги исполнат стандардите на Советот на Европа и правото на Европската Унија во рамки на процесот на проширување.

Скопје 30 ноември 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page