Back Врховните судии разговараа за ефективен пристап до правна помош во кривичните постапки

Врховните судии разговараа за ефективен пристап до правна помош во кривичните постапки

Конкретни интервенции и чекори за обезбедување пристап до бесплатна правна помош во кривичните постапки за оние на кои им е потребна, беа споделени со судиите и советниците на Врховниот суд во Скопје. Дискусијата се фокусираше на европските стандарди и компаративните практики со посебен фокус на спроведувањето на членот 75 од Законот за кривична постапка.

Состанокот, поддржан од ЕУ и Советот на Европа, што се одржа во Врховниот суд на Република Северна Македонија, го отворија Африм Фидани, претседател на Врховниот суд и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје – Олег Солдатов, ја нагласи важноста од практично и ефикасно остварување на правото на правна помош и ја истакна улогата на Врховниот суд во промовирањето на доследна и јасна примена на членот 75.

На состанокот учествуваа 20 судии и советници на Врховниот суд кои разговараа за практичните предизвици и можните решенија, придонесувајќи кон континуираната соработка меѓу Врховниот суд и Советот на Европа во зајакнувањето на пристапот до правдата и гаранциите за фер судење.

Дискусијата се фокусираше на наодите од нацрт-анализата „Одбрана за сиромашни лица во европската компаративна пракса“, подготвена од Советот на Европа, која ги испитува меѓународните стандарди и европските пристапи за обезбедување бесплатна правна помош таму каде што не се применува задолжителна одбрана.

Анализата ја истакнува важноста на обезбедувањето дека правото на бесплатна правна помош, кое е загарантирано со членот 6 од Европската конвенција за човекови права, е ефикасно во пракса. Ги испитува клучните прашања поврзани со проценката на финансиската состојба на обвинетиот и критериумот „интереси на правдата“, постапката за назначување на бранител, обемот на правната помош и фазите од кривичната постапка во кои таа треба да биде достапна.

И покрај постојната законска рамка, анализата укажува на ограничена примена на членот 75 во пракса и идентификува голем број предизвици што можат да влијаат на неговата ефикасна имплементација. Анализата исто така содржи приказ на компаративни практики што би можеле да помогнат во понатамошното разгледување на прашањето во национален контекст.

Анализата ќе послужи како основа за понатамошна дискусија при подготовката и усвојувањето на Упатството за спроведување на членот 75 од страна на претседателот на Врховниот суд.

Овој настан беше организиран со поддршка на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. Истиот обезбеди платформа за размена на практични искуства, идентификување на заеднички предизвици и дискутирање за прашања на кои им е потребно понатамошно внимание и адресирање.

Скопје, Северна Македонија 5 октомври 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Проектот "За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија" се спроведува во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ и ќе трае од јануари 2023 до декември 2026 година. Проектот придонесува кон:

1) професионално и независно функционирање на системот за бесплатна правна помош во Северна Македонија на еден сигурен, интегриран и одржлив начин;

(2) реформи во системот за бесплатна правна помош во кривични постапки во согласност со Европските стандарди и со препораките на Советот на Европа;

(3) консолидација на знаењата и на капацитетите на давателите на бесплатна правна помош во Северна Македонија, вклучувајќи ги Министерството за правда, Адвокатската комора, граѓанските здруженија (ГЗ), правните клиники, итн.

(4) олеснет и проширен пристап до услугите за бесплатна правна помош за луѓето во Северна Македонија, особено за маргинализираните и ранливите групи.

Која е целта (целите) и задачата (задачите) на проектот?

Целта на проектот е да ги поддржи главните јавни чинители и локалните засегнати страни во осигурување на ефикасни, пристапни и професионални услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија, во согласност со Европските стандарди и најдобри практики.  

Кој има корист од овој проект?

  • Министерството за правда на Северна Македонија и неговите подрачни одделенија и канцеларии;

  • Адвокатската комора на Северна Македонија и адвокатите;

  • Здруженијата на граѓани овластени да даваат БПП;

  • Правните клиники овластени да даваат БПП (во рамките на универзитетите);

  • Институциите кои се индиректно вклучени во системот за БПП: Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа, Министерството за внатрешни работи, Народниот правобранител, општините, судовите, граѓанските здруженија и останати мрежи (кои не се регистрирани за БПП но, нудат помош на ранливи групи);

  • Општата популација, особено ранливите групи.

Како ќе се спроеведува проектот?

Проектот се надоградува на резултатите постигнати со спроведувањето на претходните две фази од Хоризонталниот инструмент на истава тема, работејќи на преостанатите предизвици кои произлегоа од иницијалното спроведување на новиот Закон за бесплатна правна помош, притоа осигурувајќи дека сите чинители можат ефикасно да даваат квалитетни услуги за корисниците на БПП.  

Проектот поддржува градење на капацитетите на локалните корисници на прилагоден, таргетиран и флексибилен начин, со помош на експерти, со цел да се одговори на конкретните и на новите потреби на корисниците.  

Што очекуваме да постигнеме?

Проектот ќе постигне

  • Професионално и независно функционирање на државниот систем за бесплатна правна помош, вклучувајќи и зајакнато Одделение за БПП;

  • Поефикасен и попристапен систем за бесплатна правна помош во кривични постапки, во согласност со Европските стандарди;

  • Подобрени услуги за бесплатна правна помош за луѓето од Северна Македонија и зајакнати капацитети на давателите на бесплатна правна помош;

  • Заедниците во Северна Македонија, како и општеството во целина, се информирани за постоењето на услуги за БПП во граѓански, управни и кривични постапки.

Колкав е буџетот на проектот?

Вкупниот буџет на проектот е 900 000 евра.

Буџетот за целата програма Хоризонтален инструмент е околу 41 милион евра (85% од Европската унија, 15% од Советот на Европа).

Како да дојдете до повеќе информации?

Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје

Соравиа Центар, Филип Втори Македонски бр 3 1000 Скопје

+ 389 (2) 3100 321, е-пошта: [email protected]
Веб-страница Хоризонтален инструмент и е-пошта

 

За Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција?

„Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“ е заедничка иницијатива на Европската унија и Советот на Европа која им овозможува на земјите-кориснички од Западен Балкан и Турција да ги постигнат своите Европски агенди на полето на човекови права, владеење на правото и демократија и да се усогласат со Европските стандарди, што е исто така приоритет во процесот на проширување на ЕУ.  


 


 

Контакти на проектот

Ирена Цуцулоска - Јакимовска                Раководителка на проект       +389 2 3100 325                  контакт

Анамарија Николовска        Проектна асистентка                 +389 2 3100 333                 контакт