Back Подобрување на подготовката пред отпуст и пост-пеналната поддршка во Северна Македонија

Подобрување на подготовката пред отпуст и пост-пеналната поддршка во Северна Македонија

Северна Македонија успешно ги пилотира Стандардните оперативни процедури (СОП) за подготовка пред отпуст и пост-пенална поддршка, воведени како новина во 2024 година, наведувајќи го текот на чекорите во постапката пред и по отпуст на осудените лица.

За да се олесни пилотирањето на овој СОП, со поддршка на ЕУ и Советот на Европа се организираа две работилници во Скопје и Штип, како градови со најголемите затвори во земјата. Учествуваа вкупно 25 службеници надлежни за ресоцијализација, пробација, како и претставници на Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, кои ги анализираа конкретните предмети што ќе бидат следени во идниот период. Во текот на состаноците, се разговараше за случаите по кои тековно се постапува, како и за чекорите кои секоја институција треба да ги преземе. Еден од клучните заклучоци беше и потребата за отворен разговор со судиите, што може да помогне во зголемување на пробациските предмети, придонесувајќи во олеснување на пост-пеналната интеграција.

Пилотирањето следи по двегодишен период на размена на податоци и состаноци, на кои учествуваа искусни професионалци од Управата за извршување на санкции, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и затворските и пробациските службеници, судии и граѓански организации.

Наведените активности се дел од постојаните напори на ЕУ и Советот на Европа, насочени кон јакнење на меѓу-институционалната координација и размената на информации, со цел олеснување на реинтеграцијата на осудените лица, како и намалување на високиот степен на рецидивизам.

Оваа активност беше спроведена во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”. 

Северна Македонија 18 септември 2025
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија” им помага на властите на Северна Македонија во јакнење на реформата на затворскиот систем, како и во заштита на човековите права на осудените лица.

Во согласност со стандардите и најдобрите практики на Советот на Европа, проектот придонесува во процесот на подобрување на заштитата на човековите права на лицата кои се лишени од слобода. Проектот се спроведува во соработка со Управата за извршување на санкции (Министерство за правда), како и со Министерството за здравство.

Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција”, кој се спроведува од 2023 до декември 2026 година.  

Кои се целите и намерите на овој проект?

  • Поддржување на корисниците во јакнење на обезбедената здравствена заштита за осудените лица, како и сеопштата координација на надлежните институции

  • Подобрување на капацитетите за обука на затворскиот персонал, со што ќе се обезбеди постојана и одржлива програма, која се основа на идентификуваните потреби

  • Јакнење на процесот на подготовка за отпуст на осудените лица, како и пост-пенална помош

  • Јакнење на надзорот и мониторингот врз полицијата и затворскиот систем

  • Претставување на ефективна структура за комуницирање во затворскиот систем

Кој придобива од проектот?

Проектот има тесна соработка со јавните институции кои работат на ова поле, како што е Управата за извршување на санкции, нивниот Центар за обука, како и Министерството за здравство.

Затворскиот кадар (припадниците на Затворската полиција, како и одделенијата за ресоцијализација), здравствените работници кои работат во затворските установи, раководните структури на сите пенитенцијарни установи се меѓу корисниците кои придобиваат од овој проект.

Конечно, од проектот придобиваат осудените и лицата лишени од слобода, како и целото општество.

Како функционира проектот?

Проектот ќе обезбеди поддршка за градење на капацитетите, како и техничка поддршка за корисниците, во нивните напори за јакнење на затворската реформа, како и унапредување на правата на затворените лица, во согласност со европските стандарди.

Сите цели и активности на проектот се идентификувани врз инклузивен пристап – сите корисници членуваат во управниот одбор на проектот, кој редовно го разгледува неговото спроведување.

Проектот се спроведува преку вршење анализи и давање експертски (домашни и меѓународни) совети, работни сесии и обуки, како и пилотирање на изработените програми. Предвидени се и годишни тркалезни маси со вклучените институции, кои ќе се фокусираат на различни релевантни теми. Проектот е флексибилен и сите дополнителни барања на корисниците можат да бидат интегрирани во работниот план.

Што очекуваме да се исполни?

Овој проект се гради врз резултатите кои беа исполнети во претходната фаза на програмата Horizontal Facility, за да се постигне подобра заштита на осудените лица, во согласност во европските стандарди. Се очекува дека преку овој проект, ќе се постигне:

  • Сеопшто подобрување во обезбедувањето здравствена заштита во затворите

  • Зајакнати капацитети за координација во Министерството за здравство, во поглед на обезбедување здравствена заштита во затворите

  • Подобрување на процесот на реинтеграција на осудените лица, како и поддршка од надлежните институции

  • Изготвување на стратегија за обука, како и програми за затворскиот персонал, кои би биле оперативни според потребите на Центарот за обука

  • Зајакнат надзор и мониторинг врз полицијата и затворите, за да се обезбеди заштита на човековите права на лицата кои се лишени од слобода.

Колкав е вкупниот буџет на овој проект?

Вкупниот буџет на проектот е 950,000 ЕУР.

Овој буџет е финансиран преку програмата Horizontal Facility, со вкупна сума од околу 41 милион ЕУР (85% финансирани од страна на ЕУ и 15% од Советот на Европа).

Како да добиете дополнителни информации?

https://www.coe.int/en/web/cooperation-in-police-and-deprivation-of-liberty

Хоризонтален инструмент веб-страна како и e-mail адреса

Повеќе информации за Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција

 

„Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ е заедничка иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа, со која им се овозможува на страните кои придобиваат во Западен Балкан и Турција, исполнување на нивните реформски агенди во полето на човековите права, владеењето на правото, демократијата, како и исполнувањето на европските стандарди, што е исто така приоритет на процесот на проширување на ЕУ. 


 

Контакти на проектот

Ѓакуш Кабаши              Раководител на проект           +389 2 3100 330                  контакт

Ирена Бојаџиева               Проектна Асистентка                  +389 2 3100 324                   контакт