По повод Светскиот ден против трговијата со луѓе, Групата на експерти за акција против трговијата со луѓе (GRETA) при Советот на Европа се приклучува на повикот што денес го упати Меѓу-агенциската координативна група против трговијата со луѓе (ICAT) до државите и релевантните чинители да се справат со растечката закана од трговија со луѓе заради принудно вршење на криминални дејствија.
Според Глобалниот извештај за трговија со луѓе 2024, трговијата со луѓе заради принудно вршење на криминални дејствија е третата најчесто откриена форма на трговија со луѓе во светот. Во својот последен годишен извештај GRETA истакнува дека оваа форма на трговија со луѓе се зголемува во многу држави договорни страни на Конвенцијата на Советот на Европа за борба против трговијата со луѓе и бара итно дејствување за да се заштитат жртвите од криминални групи кои ги експлоатираат нивните ранливости и да се спречи нивната криминализација.
„Принципот на некaзнување мора да биде во срцето на одговорот. Вграден во Конвенцијата на Советот на Европа, овој принцип бара од државите договорни страни да овозможат можност да не се изрекуваат казни на жртвите на трговија со луѓе за нивната вклученост во незаконски активности, во мера во која биле принудени да ги извршат,“ изјави претседателката на GRETA, Кони Рајкен. „Во таа насока, GRETA ја поздравува резолуцијата за борба против трговијата со луѓе заради принудно вршење на криминални дејствија, усвоена минатиот месец од Обединетите нации, која ги повикува државите да донесат мерки конкретно насочени кон оваа форма на трговија и да обезбедат жртвите да не се гонат или казнуваат за незаконски дела извршени како директна последица на тоа што биле жртви на трговијата со луѓе.“
GRETA целосно го поддржува повикот на ICAT, кој ги одразува препораките дадени од GRETA за време на процените на имплементацијата на Конвенцијата од страна на државите договорни страни. Тие вклучуваат зајакнување на превентивните напори; подобрување на собирањето на податоци и истражувањата; унапредување на напорите за рана идентификација на жртвите; и донесување на законски одредби и насоки за гарантирање на ефективна примена на принципот на некaзнување. Покрај тоа, ICAT ги повикува државите да го зајакнат разузнавачкиот и добро координиран одговор на кривичното правосудство за да се обезбеди ефективно гонење на трговците со луѓе.
***
Групата на експерти за акција против трговијата со луѓе (GRETA) е одговорна за оценување на усогласеноста со Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе од страна на државите договорни страни. Тоа е единствената независна група на експерти која го надгледува спроведувањето на обврзувачки меѓународни правни одредби во оваа област. Конвенцијата стапи во сила во 2008 година и е ратификувана од сите 46 членки на Советот на Европа, како и од две земји кои не се членки, Белорусија и Израел.
Меѓу-агенциската координативна група против трговијата со луѓе (ICAT) е форум на ООН за политики, овластен со резолуцијата на Генералното собрание 61/180, за подобрување на координацијата и соработката помеѓу агенциите на ООН и други релевантни меѓународни организации за да се овозможи холистички и сеопфатен пристап за спречување и борба против трговијата со луѓе, вклучувајќи заштита и поддршка за жртвите и преживеаните. Од 2018 година, Советот на Европа е партнер на ICAT.
