На 15 октомври 2025, се одржа Шестиот состанок на Советодавниот одбор на проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“во Скопје, каде се состанаа претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Генерален секретаријат на Владата, заменик Правобранител, Центарот за стручно образование и обука, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и набљудувачи од национални институции.
Посветени за реализација на стратегиската визија на овој проект, членовите на советодавниот одбор ги разгледаа остварувањата во периодот јуни-октомври 2025. Во овој период, меѓу значајните постигнувања се: Летните академии во Струга, лансирањето на Мрежата на демократски и инклузивни училишта (10 септември 2025), и усогласувањето на наставните материјали со Референтната Рамка на Компетенции за Демократска Култура (RFCDC) на Советот на Европа. Беше посветено внимание и на имплементацијата на пресудата Елмазова, особено мерките за десегрегација во Битола и Штип.
Покрај тоа, се дискутираа алтернативите за вградување на резултатите во националниот систем: валидација на материјалите преку соработка со Министерството и Бирото, формализирање на мрежата преку меморандум за разбирање на сите 25 пилот-училишта и зајакнување на соработката со локалните актери за демократската култура да стане дел од секојдневните практики во училиштата.
На крајот, Советодавниот одбор ја потврди својата заедничка посветеност дека демократските вредности, инклузивноста и стратегијата за образование ќе останат значаен дел од образовниот систем на Северна Македонија.
Проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“ се спроведува од страна на Советот на Европа и е финансиран од Владата на Сојузна Република Германија.

