Во рамките на заедничкиот проект „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија “, имплементиран од Советот на Европа и финансиран од Владата на Сојузна Република Германија, на 10 септември 2025 година во Северна Македонија се одржа настанот за формирање на националната Мрежа на демократски и инклузивни училишта.
Создавањето на оваа Мрежа претставува значаен чекор напред во унапредувањето на демократската култура и инклузивното управување во образованието, како и во обезбедувањето на одржливост на резултатите од проектот. Мрежата ги обедини 25 пилот основни и средни училишта од целата земја, кои активно беа вклучени во проектот како различни модели на демократски и инклузивни практики.
Мрежата треба да обезбеди долгорочни придобивки за училиштата, наставниците и учениците. Таа ќе функционира како заедница на практики, поддржувајќи размена на искуства, меѓусебно учење и градење на капацитети меѓу училиштата. На овој начин, училишните тимови ќе имаат можност заеднички да ги адресираат предизвиците, да развиваат иновативни пристапи за демократско управување и да создаваат поинклузивна и партиципативна училишна средина. За наставниците, Мрежата нуди пристап до материјали за поддршка и можности за професионален развој, со што ќе се зајакнат нивните компетенции во примената на инклузивни и демократски наставни практики. На крајот, учениците ќе имаат корист од поинклузивна училишна култура, каде што нивниот глас се слуша и нивните различни потреби се почитуваат.
Настанот официјално ја промовираше Мрежата и ја претстави нејзината структура, цели и начини на работа. Учесниците, исто така, имаа можност да ги разгледаат и дискутираат првите верзии на материјали за поддршка и обука на наставници, дизајнирани за одржување и натамошно развивање на постигнувањата на проектот. Овие материјали ќе служат како практични алатки за наставниците во примената на демократски и инклузивни пристапи на наставата, како и за училиштата во интегрирањето на овие принципи во нивното управување.
Програмата вклучи обраќања на претставници од Советот на Европа, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Потоа следуваа презентација на концептот на Мрежата, вовед во нацрт-материјалите за поддршка и отворена дискусија за предизвиците и можностите за соработка. Настанот заврши со договор за механизми за координација и конкретни следни чекори за оперативното функционирање на Мрежата.
Оваа иницијатива ја потврди заложбата на Советот на Европа и неговите партнери за обезбедување на квалитетно, инклузивно и демократско образование за сите ученици во Северна Македонија. Со вложување во вакви одржливи структури, проектот придонесе не само за зајакнување на училишното управување, туку и за зајакнување на наставниците и учениците да станат активни и одговорни членови на демократското општество.

