Back Конференција за започнување на втората фаза од проектот „Квалитетно образование за сите“во Северна Македонија

Конференција за започнување на втората фаза од проектот „Квалитетно образование за сите“во Северна Македонија

Конференцијата за започнување на проектот „Квалитетно образование за сите – Градење демократска отпорност во Северна Македонија“ се одржа на 9 јуни 2026 година во Скопје, означувајќи го официјалниот почеток на втората фаза од проектот.

Проектот, имплементиран од Советот на Европа и финансиран од Сојузна Република Германија, има за цел да ги промовира демократијата и човековите права во и преку образованието преку поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за образование 2026–2032 година, со посебен фокус на демократската култура, инклузивното образование и демократското училишно управување.

Конференцијата обедини претставници на национални институции, образовни професионалци, претставници на училишта, меѓународни партнери и други релевантни чинители за да се осврнат на постигнувањата од претходната фаза на проектот и да дискутираат за приоритетите во следните три години.

Во своите обраќања, претставници на Министерството за образование и наука, Сојузна Република Германија, Бирото за развој на образованието и Советот на Европа ја потврдија својата заложба за унапредување на демократското и инклузивното образование и ја истакнаа важноста од продолжување на соработката во спроведувањето на образовните реформи во Северна Македонија.

Во своето обраќање, заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, ја нагласи важната улога на образованието во поттикнувањето на демократските вредности и активното граѓанство кај младите.

„Квалитетното образование не значи само стекнување знаења и вештини, туку и оспособување на младите луѓе да станат активни, одговорни и ангажирани граѓани кои придонесуваат за градење инклузивни и демократски заедници“, истакна тој.

Претставувајќи го донаторот, амбасадорката Петра Дрекслер ја потврди континуираната поддршка на Германија за демократските и инклузивни образовни реформи и ја нагласи важноста од инвестирањето во младите и демократското учество.

„Програмата „Квалитетно образование за сите“ е осмислена да им обезбеди на младите луѓе алатки и можности да станат активни и информирани граѓани. Германија е длабоко посветена на поддршката на Советот на Европа во оваа важна област, бидејќи инвестирањето во демократијата и образованието претставува инвестиција во иднината на нашиот заеднички европски простор“, истакна таа.

На учесниците им беа претставени клучните резултати постигнати во првата фаза од проектот, вклучувајќи поддршка за развој на образовни политики, јакнење на капацитетите на наставниците и училишниот кадар, промовирање на демократско и инклузивно училишно управување и воспоставување на Мрежата на демократски и инклузивни училишта.

Надоврзувајќи се на овие достигнувања, новата фаза ќе биде насочена кон зајакнување на демократската отпорност низ целиот образовен систем. Преку поддршка на националните власти, институциите и училиштата, проектот ќе придонесува за демократско училишно управување, инклузивни и партиципативни средини за учење и развој на компетенции за демократска култура. Преку поттикнување на критичкото размислување, почитувањето на различностите, активното граѓанство и значајното учество, проектот има за цел да ги оспособи учениците и образовните професионалци да одговорат на современите предизвици, вклучувајќи дискриминација, исклученост, дезинформации и општествена поларизација.

Проектот ќе воведе и нови иницијативи насочени кон современите предизвици во образованието, вклучувајќи активности поврзани со дигиталното демократско граѓанство и демократското учество во дигиталната средина, како и поддршка за зајакнување на демократската култура и учеството во средното стручно образование.

Во рамките на конференцијата беа презентирани искуства и добри практики од Србија и Албанија, овозможувајќи размена на искуства и пристапи за зајакнување на демократското училишно управување, поддршката на наставниците и одржливите образовни реформи. Дискусиите ја истакнаа вредноста на регионалната соработка и меѓусебното учење во унапредувањето на демократското и инклузивното образование.

Новата фаза од проектот ќе се спроведува во следните три години и ќе продолжи да ги поддржува реформите кои придонесуваат кон квалитетно образование за сите ученици во Северна Македонија. Преку зајакнување на демократската отпорност на политичко, институционално и училишно ниво, проектот има за цел да ги оспособи учениците активно, одговорно и ефективно да учествуваат во демократските општества и да придонесуваат кон поинклузивни, покохезивни и поотпорни заедници.

Скопје, Северна Македонија 9 јуни 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

ОПИС НА ПРОЕКТОТ

Овој проект го спроведува Советот на Европа со финансиска поддршка од Германија. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука на Северна Македонија во периодот од април 2026 до септември 2028 година. Проектот се надоврзува на резултатите од првата фаза на проектот (линк до архивираната страница), која се спроведуваше од декември 2022 до 31 март 2026 година.

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

Да се зајакнат демократската култура, инклузијата и демократската отпорност во образованието во Северна Македонија преку поддршка на демократското управување во училиштата, политиките за инклузивно образование и промоцијата на компетенциите за демократска култура на ниво на политики, институции и училишта.

Проектот ќе им користи на креаторите на образовни политики, образовните институции, директорите на училишта, наставниците, учениците, стручните лица од областа на стручното образование и обука, општините и локалните заедници.

ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ

Имплементацијата на Националната стратегија за образование (2026–2032) и поврзаните реформи во областа на демократската култура, инклузијата и партиципативното управување во училиштата е зајакната преку унапредени институционални капацитети, поддршка на политиките и механизми за следење и евалуација.

Мрежа од 25 менторски училишта и 25 партнерски училишта ќе ја зајакне демократската училишна култура, учењето, учење преку размена на искуство, инклузивните практики и ангажманот на заедницата во основното и средното образование.

Наставниците, училишното раководство и стручните лица од областа на стручното образование и обука ќе бидат опремени со алатки, методологии и насоки за интегрирање на компетенциите за демократска култура, дигитално граѓанство и инклузивни пристапи во наставата, учењето и управувањето со училиштата.

Националните и локалните власти ќе ја зајакнат имплементацијата на мерките за десегрегација и политиките за инклузивно образование во согласност со пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Елмазова и други против Северна Македонија“.

АКТИВНОСТИ/РЕЗУЛТАТИ

  • Изработка на Акциски план и препораки за политики за зајакнување на интеграцијата на Референтната рамка на компетенции за демократска култура (RFCDC) во наставните предмети и училишните практики во основното и средното образование.
  • Обезбедување насочена поддршка за политики, експертски совети и консултации со релевантни чинители за спроведување на Националната стратегија за образование (2026–2032), со фокус на демократската култура, инклузијата и учеството на учениците.
  • Развој на Рамка за мониторинг и евалуација, вклучително и индикатори и алатки, за поддршка на спроведувањето на демократската култура, инклузијата и образованието за дигитално граѓанство во училиштата врз основа на докази.
  • Спроведување активности за јакнење на капацитетите, програми за обука на обучувачи, менторство и учење преку размена на искуство за 25 менторски и 25 партнерски училишта во областа на демократското управување, инклузивната настава и ангажманот на заедницата.
  • Развој и пилотирање на Дигитални училници за демократија кои ги интегрираат демократските вредности, дигиталното граѓанство, родовата еднаквост и учеството на учениците во наставата и управувањето со училиштата.
  • Развој на мерки за политики за десегрегација, алатки за следење и насоки за имплементација на училишно ниво во соработка со националните и локалните власти.
  • Подготовка на препораки и дидактички насоки за интегрирање на компетенциите за демократска култура во стручното образование и обука (СОО).
  • Организирање регионални размени, активности за учење меѓу врсници и настани за подигање на јавната свест за промоција на демократско и инклузивно образование, вклучувајќи Денови на демократски училишта и активности за работа со заедницата.


 

Контакти на проектот

Ромела Поповиќ                Раководителка на проект          +389 2 3100 334                  контакт

Ирена Ордев                Проектна Асистентка                +389 2 3100 320                     контакт