Back Прв состанок на Советодавниот одбор го означи почетокот на втората фаза од проектот „Квалитетно образование за сите“ во Северна Македонија

Прв состанок на Советодавниот одбор го означи почетокот на втората фаза од проектот „Квалитетно образование за сите“ во Северна Македонија

На 9 јуни 2026 година во Скопје се одржа првиот состанок на Советодавниот одбор на проектот „Квалитетно образование за сите – Градење демократска отпорност во Северна Македонија“, со што официјално започна втората фаза од проектот.

Проектот, кој е имплементиран од Советот на Европа и финансиран од Сојузна Република Германија, има за цел да ги промовира демократијата и човековите права во и преку образованието преку поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за образование 2026–2032 година, со посебен фокус на демократската култура, инклузивното образование и образованието за човекови права.

На состанокот учествуваа претставници на клучните национални институции одговорни за креирање и спроведување на образовните политики, членови на Советодавниот одбор на проектот, вклучувајќи ги Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, Министерството за дигитална трансформација, Центарот за стручно образование и обука и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На состанокот присуствуваа и претставници на Народниот правобранител, Генералниот секретаријат на Владата на Северна Македонија и Амбасадата на Сојузна Република Германија во својство на набљудувачи. Учесниците дискутираа за целите, очекуваните резултати и планираните активности во рамките на новата фаза од проектот, како и за постигнатите резултати и научените лекции од претходниот период на имплементација.

Надоврзувајќи се на резултатите постигнати во првата фаза, проектот ќе продолжи да ги поддржува националните власти, институциите и училиштата во зајакнувањето на демократското управување во училиштата, унапредувањето на инклузивните и партиципативни средини за учење и развојот на компетенциите за демократска култура кај учениците.

Посебно внимание ќе биде посветено на поддршката на спроведувањето на Националната стратегија за образование 2026–2032 година, зајакнувањето на соработката помеѓу релевантните чинители, промовирањето на демократски и инклузивни училишни практики и обезбедувањето одржливост на постигнатите резултати.

Новата фаза од проектот ќе вклучи и иновативни иницијативи насочени кон одговор на современите предизвици во образованието, меѓу кои активности поврзани со дигиталното демократско граѓанство и поддршка за развој на демократска култура и активно учество во средното стручно образование.

Учесниците ја истакнаа важноста од продолжување на меѓуинституционалната соработка и ја потврдија својата подготвеност за заедничка работа кон поинклузивен, попартиципативен и подемократски образовен систем кој ќе им овозможи на учениците да ги стекнат знаењата, вештините, вредностите и ставовите потребни за активно учество во мултикултурно и демократско општество.

Проектот ќе се спроведува во следните три години и ќе продолжи да ги поддржува реформите во образованието кои придонесуваат кон обезбедување квалитетно образование за сите ученици во Северна Македонија.


 

Скопје, Северна Македонија 9 јуни 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

ОПИС НА ПРОЕКТОТ

Овој проект го спроведува Советот на Европа со финансиска поддршка од Германија. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука на Северна Македонија во периодот од април 2026 до септември 2028 година. Проектот се надоврзува на резултатите од првата фаза на проектот (линк до архивираната страница), која се спроведуваше од декември 2022 до 31 март 2026 година.

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

Да се зајакнат демократската култура, инклузијата и демократската отпорност во образованието во Северна Македонија преку поддршка на демократското управување во училиштата, политиките за инклузивно образование и промоцијата на компетенциите за демократска култура на ниво на политики, институции и училишта.

Проектот ќе им користи на креаторите на образовни политики, образовните институции, директорите на училишта, наставниците, учениците, стручните лица од областа на стручното образование и обука, општините и локалните заедници.

ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ

Имплементацијата на Националната стратегија за образование (2026–2032) и поврзаните реформи во областа на демократската култура, инклузијата и партиципативното управување во училиштата е зајакната преку унапредени институционални капацитети, поддршка на политиките и механизми за следење и евалуација.

Мрежа од 25 менторски училишта и 25 партнерски училишта ќе ја зајакне демократската училишна култура, учењето, учење преку размена на искуство, инклузивните практики и ангажманот на заедницата во основното и средното образование.

Наставниците, училишното раководство и стручните лица од областа на стручното образование и обука ќе бидат опремени со алатки, методологии и насоки за интегрирање на компетенциите за демократска култура, дигитално граѓанство и инклузивни пристапи во наставата, учењето и управувањето со училиштата.

Националните и локалните власти ќе ја зајакнат имплементацијата на мерките за десегрегација и политиките за инклузивно образование во согласност со пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Елмазова и други против Северна Македонија“.

АКТИВНОСТИ/РЕЗУЛТАТИ

  • Изработка на Акциски план и препораки за политики за зајакнување на интеграцијата на Референтната рамка на компетенции за демократска култура (RFCDC) во наставните предмети и училишните практики во основното и средното образование.
  • Обезбедување насочена поддршка за политики, експертски совети и консултации со релевантни чинители за спроведување на Националната стратегија за образование (2026–2032), со фокус на демократската култура, инклузијата и учеството на учениците.
  • Развој на Рамка за мониторинг и евалуација, вклучително и индикатори и алатки, за поддршка на спроведувањето на демократската култура, инклузијата и образованието за дигитално граѓанство во училиштата врз основа на докази.
  • Спроведување активности за јакнење на капацитетите, програми за обука на обучувачи, менторство и учење преку размена на искуство за 25 менторски и 25 партнерски училишта во областа на демократското управување, инклузивната настава и ангажманот на заедницата.
  • Развој и пилотирање на Дигитални училници за демократија кои ги интегрираат демократските вредности, дигиталното граѓанство, родовата еднаквост и учеството на учениците во наставата и управувањето со училиштата.
  • Развој на мерки за политики за десегрегација, алатки за следење и насоки за имплементација на училишно ниво во соработка со националните и локалните власти.
  • Подготовка на препораки и дидактички насоки за интегрирање на компетенциите за демократска култура во стручното образование и обука (СОО).
  • Организирање регионални размени, активности за учење меѓу врсници и настани за подигање на јавната свест за промоција на демократско и инклузивно образование, вклучувајќи Денови на демократски училишта и активности за работа со заедницата.


 

Контакти на проектот

Ромела Поповиќ                Раководителка на проект          +389 2 3100 334                  контакт

Ирена Ордев                Проектна Асистентка                +389 2 3100 320                     контакт