Советот на Европа започна нова Програма за обука за справување со стратешки тужби против учество на јавноста (SLAPP), како дел од неговите континуирани напори за заштита на слободата на изразување и заштита на новинар(к)ите и другите лица кои јавно изнесуваат информации од јавен интерес.
Оваа практична обука е наменета за суди(јк)и, јавни обвинител(к)и, адвокат(к)и и други правни професионалци/ки, со цел да им помогне да препознаат, соодветно реагираат и се справат со SLAPP тужбите во согласност со европските стандарди. Обуката се заснова на клучните меѓународни рамки, вклучително и Препораката CM/Rec(2024)2 на Советот на Европа и Директивата (ЕУ) 2024/1069, кои имаат за цел заштита на лицата вклучени во јавни настапи од злоупотреба на правните постапки.
Програмата, развиена во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа – „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, веќе е спроведена преку неколку иницијативи во земјите од Западен Балкан и беше истакната како иновативна алатка на неколку значајни настани — Втората европска анти-SLAPP конференција (14 ноември 2024 година, Стразбур) и Регионалната размена на тема „Справување со SLAPP тужбите на Западен Балкан“ (15 ноември 2024 година, Стразбур).
Материјалите од програмата се достапни за бесплатно преземање и можат да се прилагодат на специфичните потреби и контексти на различни земји.
Сите се охрабруваат целосно да ги искористат овие ресурси. За да се обезбеди квалитет и усогласеност при спроведувањето, корисниците/чките треба:
- да го информираат Советот на Европа кога ги користат материјалите;
- да го наведат Советот на Европа како извор; и
- да вклучат сертифицирани обучувач(к)и во спроведувањето на обуките.
Со почитување на овие добри практики, се придонесува за одржување на највисоките стандарди и обезбедување на најголем можен ефект од програмата.
Во Северна Македонија, проектот Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија – ПРОФРЕКС (дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2023-2026“) е имплементиран од Одделот за соработка на слобода на изразување.

