Back Од дијалог до акција: Зајакнување на безбедноста на новинарите во Северна Македонија

Од дијалог до акција: Зајакнување на безбедноста на новинарите во Северна Македонија

Слободата на медиумите зависи од безбедноста на оние кои работат во нив. Во Северна Македонија, клучните чинители преземаат конкретни чекори за зајакнување на безбедноста на новинарите во пракса. Претставници на јавните институции, судството, обвинителството, медиумските и новинарските организации, граѓанското општество и други релевантни чинители се собраа во Скопје за да разговараат за приоритетите и практичните мерки за зајакнување на заштитата и безбедноста на новинарите во Северна Македонија.

Тематската меѓупрофесионална работилница за заштита и безбедност на новинарите беше организирана од Министерството за внатрешни работи во соработка со Советот на Европа, обединувајќи ги релевантните чинители со цел да придонесат кон тековниот процес на подготовка на Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите. Работилницата беше дел од поширок консултативен процес, чија цел е идните мерки да одговорат на предизвиците идентификувани од институциите, новинарите и медиумските работници и да можат ефикасно да се применуваат во пракса.

На отворањето на работилницата, Мухамед Исмаили, помошник-министер за односи со јавност и стратешки прашања во Министерството за внатрешни работи, и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, ја истакнаа важноста на институционалната соработка и континуираниот дијалог со медиумската заедница за создавање средина во која новинарите можат безбедно и слободно да ја извршуваат својата работа. Дискусиите се темелеа на Препораката CM/Rec(2016)4 на Советот на Европа, структурирана околу четири клучни столба – превенција, заштита, гонење и промоција преку информирање, образование и подигање на свеста – како и на целите на кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“ за безбедноста на новинарите.

Консултациите беа насочени кон конкретните предизвици и можните мерки, вклучително и подоследна примена на постојните правни механизми за заштита, навремена институционална реакција на заканите и нападите, подобрена координација меѓу органите за спроведување на законот и обвинителството, одговор на онлајн заканите и родово специфичните ризици, како и зајакнување на институционалното собирање податоци и мониторингот. Посебно внимание беше посветено и на стратешките тужби против јавно учество (SLAPPs), специјализираните обуки за релевантните професионалци, дигиталната и психолошката безбедност, како и механизмите за информирање на новинарите за постапувањето по пријавените случаи.

Размената им овозможи на учесниците да дадат свои коментари за релевантноста, сеопфатноста и практичната применливост на предложените мерки и да ги идентификуваат прашањата за кои е потребно дополнително разгледување. Дискусијата, меѓу другото, ги опфати механизмите за превенција и заштита, истрагата и гонењето на заканите и нападите, институционалните улоги и одговорности, како и начините за зајакнување на меѓуинституционалната соработка.

Придонесите собрани за време на работилницата ќе бидат земени предвид во следната фаза од подготовката на Националниот акциски план. Придонесите ќе бидат систематизирани и вградени во нацрт-планот, придружен со подетална матрица за спроведување која ќе ги опфати надлежните институции, партнерите, роковите, ресурсите, индикаторите и начините за верификација.

Оваа иницијатива ја спроведува Одделението за соработка во областа на слободата на изразување во рамки на проектот „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија“, во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. Активноста, исто така, придонесува кон целите на кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“ за безбедноста на новинарите.

Скопје, Северна Македонија 22 септември 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Проектот „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“ им овозможува на институциите корисници и на граѓанските организации во Северна Македонија да напредуваат кон исполнување на нивните реформски агенди во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите, во согласност со европските стандарди.

Проектот се спроведува во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ која трае од 2023 до 2026 година и кој има за цел да придонесе за подобрена средина за остварување на правата на слобода на изразување, особено од страна на новинар(к)ите и медиумските актери, во поплуралистичка и побезбедна медиумска средина, и во согласност со стандардите утврдени во согласност со член 10 на Европската конвенција за човекови права.

 

Кои се целите и задачите на проектот?

  • Да се промовира слободата на изразување и слободата на медиумите и да се подобри примената на европските стандарди на темата;

  • Да се зајакне заштитата на новинар(к)ите и да се придонесе за создавање на овозможувачка, побезбедна и поплуралистичка медиумска средина;

  • Да се зајакнат вештините и знаењата на актерите кои се одговорни да ги применуваат стандардите за слобода на изразување, како дел од нивната секојдневна работа.

Кој има придобивки од проектот?

  • Независните државни органи во делот на регулирањето на медиумите (Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) и пристап до информации и заштита на информации (Агенција за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и Агенција за заштита на лични податоци);

  • Здруженија на новинари и медиумски актери во Северна Македонија;

  • Професионалци/ки како што се суди(јк)и, обвинител(к)и, полицајци/ки, адвокат(к)и, радиодифузери и новинар(к)и;

  • Луѓето во Северна Македонија.

Како функционира проектот?

  • Обезбедување правни совети за подобрување на усогласувањето на правните и регулаторните рамки со релевантните европски стандарди;

  • преку подготовка на истражувањa и поддршка на политиките во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите;

  • преку подигање на свеста кај носителите на должности и имателите на права во однос на релевантните европски стандарди;

  • преку нудење на можност за градење на капацитети за различни професионални категории, вкотвени во европските стандарди и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП);

  • преку олеснување на регионалниот дијалог и размена на добри практики, во синергија со регионалниот проект.

Што очекуваме да постигнеме?

  • Ќе се подобри правната рамка и ќе се зајакне судската примена на европските стандарди за слобода на изразување, пристап до информации, заштита на податоците и заштита на новинар(к)ите;

  • Регулаторното тело за медиуми, Агенцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и јавниот радиодифузер да спроведуваат промени во нивните политики и практики во согласност со европските стандарди;

  • Безбедноста на новинар(к)ите да се зајакне во однос на справувањето со заканите и нападите, како резултат на воспоставените домашни правни механизми за заштита на слободата на изразување, во согласност со европските стандарди.

Кој е буџетот на проектот?

  • Вкупниот буџет на проектот е 680.000,00 евра.
  • Буџетот доделен за целокупната програма за Хоризонталниот инструмент изнесува приближно 41 милион евра (85% финансирано од Европската унија, 15% од Советот на Европа).

Како до повеќе информации?

 

За Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција
 

„Хоризонталниот иструмент за Западен Балкан и Турција 2023-2026“ е заедничка иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа што им овозможува на корисниците на Западен Балкан и Турција да ги исполнат нивните реформски агенди во областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, што е исто така приоритет за процесот на проширување на ЕУ.


 

Александра Богдановска      Постара раководителка на проектот                                     +389 2 3100 323                     контакт

Симона Трајкоска             Проектна Асистентка                  +389 2 3100 336                    контакт