На 26 март 2026 година, во Скопје, Северна Македонија, се одржа завршниот настан на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Интеграција на Роми III“, кој ги собра претставниците на институциите, партнерите на програмата, Националните контакт точки за Роми, граѓанското општество и меѓународните чинители. Настанот обезбеди можност за осврт на клучните постигнувања на Програмата и за дискусија за идните приоритети за инклузија на Ромите во Западен Балкан и Турција.
Настанот го означи завршувањето на значајна фаза на регионална соработка насочена кон зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на политиките и подобрување на пристапот до права за ромските заедници. Агендата вклучуваше поздравни обраќања, презентации на клучните регионални и резултати на ниво на корисници, презентација на независната евалуација на Програмата, како и дискусија насочена кон идните чекори за интеграција на Ромите.
Настанот беше отворен од Шабан Салиу, министер за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Олег Солдатов, шеф на Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, и Војчех Ковалски, советник за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) при Европската комисија. Во своите обраќања, тие ја нагласија важноста од континуирана институционална посветеност, понатамошна регионална соработка и усогласување со европските стандарди како клучни двигатели за унапредување на инклузијата на Ромите.
Учесниците беа запознаени со преглед на главните постигнувања на Програмата на регионално ниво, по што следеше сесија фокусирана на корисниците, со придонеси од тимот на Интеграција на Роми III и Националните контакт точки за Роми. Овие разменувања овозможија осврт на искуствата од имплементацијата, научените лекции и приоритетите за обезбедување одржливо влијание по завршувањето на Програмата.
Презентацијата на независната евалуација обезбеди дополнителни согледувања за резултатите на Програмата и понуди препораки за идни интервенции. Потоа следеше посебна сесија „Интеграција на Ромите и патот напред“, која ги собра клучните чинители за да дискутираат како да се надгради постигнатиот напредок и да се обезбеди континуитет на напорите во претстојниот период.
Во текот на својата имплементација, Програмата придонесе за конкретен напредок во области како што се домување, граѓанска регистрација и правен идентитет, вработување, зелена и дигитална транзиција, како и борба против дискриминацијата. Таа исто така одигра клучна улога во зајакнувањето на институционалните капацитети и поттикнувањето на регионалната соработка и размена со цел поефективна имплементација на стратегиите за инклузија на Ромите, акциските планови и Познанската декларација.
Завршниот настан претставуваше не само можност за сумирање на овие постигнувања, туку и платформа за повторно потврдување на потребата од континуирани и координирани напори за обезбедување целосна инклузија на ромската заедница, во согласност со европските стандарди и преземените обврски.
Заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Интеграција на Роми III“ ќе заврши на 30 април 2026 година. приоритетите на оваа програма ќе продолжат сда се имплементираат преку зајакнати партнерства, унапредени институционални рамки и знаењето и искуството изградени низ регионот во поддршка на еднаквоста и инклузијата на Ромите.

