Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе, која е во сила од 2008 година, ги обврзува државите да ги идентификуваат и поддржуваат жртвите на трговија со луѓе, да ги заштитат од понатамошна штета и да обезбедат достоинствен третман за нив. За таа цел, беше организирана активност за јакнење на капацитетите, која ги собра судиите, обвинителите, адвокатите и претставниците на граѓанското општество за да ги унапредат своите знаења за заштитата на правата на жртвите на трговија со луѓе. Настанот беше организиран во рамките на заедничката акција на Европската Унија и Советот на Европа „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија. Главен фокус на настанот беа судската практика на Европскиот суд за човекови права и Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе. Целта на активноста беше учесниците да се стекнат со потребната стручност и вештини за постапување со жртвите на трговија со луѓе во согласност со европските стандарди за борба против трговијата со луѓе.
„Жртвата не е само доказно средство - таа е во центарот на целата постапка. Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе означи пресвртница во односот кон жртвите, менувајќи го пристапот од исклучиво фокусирање на кривично-правниот одговор кон пристап насочен кон жртвата“, изјави Билјана ЛУБАРОВСКА, независна експертка од ГРЕТА.
Учесниците добија обука и за Европската конвенција за човекови права и судската практика на Европскиот суд во контекст на трговијата со луѓе. Тие работеа на практични сценарија и разговараа за клучните елементи за утврдување на постоењето на трговија со луѓе и повреда на Член 4 од Европската конвенција за човекови права, со кој се забрануваат ропството и принудната работа. Идентификацијата на странските жртви на трговија со луѓе исто така беше важна тема на дискусија. Само откако ќе бидат идентификувани, жртвите можат да ги добијат здравствената заштита, храната, облеката, психосоцијалната поддршка и сместувањето на кои имаат право. Ресоцијализацијата и реинтеграцијата на жртвите на трговија со луѓе се исто така позитивни обврски на државата што произлегуваат од Европската конвенција за човекови права.
Во рамките на настанот, учесниците одржаа и билатерални средби на кои ги споделија своите искуства од постапувањето во случаи на трговија со луѓе, со цел унапредување на правата на жртвите и зајакнување на кривично-правниот одговор.
Оваа активност е организирана во рамките на „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“, кој е финансиран од Европската Унија и Советот на Европа, а го спроведува Советот на Европа.

