Back Врховните судии разговараа за ефективен пристап до правна помош во кривичните постапки

Врховните судии разговараа за ефективен пристап до правна помош во кривичните постапки

Конкретни интервенции и чекори за обезбедување пристап до бесплатна правна помош во кривичните постапки за оние на кои им е потребна, беа споделени со судиите и советниците на Врховниот суд во Скопје. Дискусијата се фокусираше на европските стандарди и компаративните практики со посебен фокус на спроведувањето на членот 75 од Законот за кривична постапка.

Состанокот, поддржан од ЕУ и Советот на Европа, што се одржа во Врховниот суд на Република Северна Македонија, го отворија Африм Фидани, претседател на Врховниот суд и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје – Олег Солдатов, ја нагласи важноста од практично и ефикасно остварување на правото на правна помош и ја истакна улогата на Врховниот суд во промовирањето на доследна и јасна примена на членот 75.

На состанокот учествуваа 20 судии и советници на Врховниот суд кои разговараа за практичните предизвици и можните решенија, придонесувајќи кон континуираната соработка меѓу Врховниот суд и Советот на Европа во зајакнувањето на пристапот до правдата и гаранциите за фер судење.

Дискусијата се фокусираше на наодите од нацрт-анализата „Одбрана за сиромашни лица во европската компаративна пракса“, подготвена од Советот на Европа, која ги испитува меѓународните стандарди и европските пристапи за обезбедување бесплатна правна помош таму каде што не се применува задолжителна одбрана.

Анализата ја истакнува важноста на обезбедувањето дека правото на бесплатна правна помош, кое е загарантирано со членот 6 од Европската конвенција за човекови права, е ефикасно во пракса. Ги испитува клучните прашања поврзани со проценката на финансиската состојба на обвинетиот и критериумот „интереси на правдата“, постапката за назначување на бранител, обемот на правната помош и фазите од кривичната постапка во кои таа треба да биде достапна.

И покрај постојната законска рамка, анализата укажува на ограничена примена на членот 75 во пракса и идентификува голем број предизвици што можат да влијаат на неговата ефикасна имплементација. Анализата исто така содржи приказ на компаративни практики што би можеле да помогнат во понатамошното разгледување на прашањето во национален контекст.

Анализата ќе послужи како основа за понатамошна дискусија при подготовката и усвојувањето на Упатството за спроведување на членот 75 од страна на претседателот на Врховниот суд.

Овој настан беше организиран со поддршка на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. Истиот обезбеди платформа за размена на практични искуства, идентификување на заеднички предизвици и дискутирање за прашања на кои им е потребно понатамошно внимание и адресирање.

Скопје, Северна Македонија 5 октомври 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Добредојдовте во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје 

Северна Македонија стана 38-ма земја-членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995 година и активно учествува во сите аспекти на мисијата и работата на нашата Организација за промовирање на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје е основана во 2012 година и покрива разновидни проекти на соработка.

Работејќи во блиска соработка со националните власти, претставниците на граѓанското општество и другите партнери, Канцеларијата моментално спроведува клучни заеднички програми на Европската унија и Советот на Европа. Особено, Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција (Хоризонтален инструмент III) е фокусиран на реформата во правосудниот систем, борбата против економскиот криминал, промовирањето на антидискриминацијата и заштитата на правата на ранливите групи, како и подобрувањето на примената на европските стандарди во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите.

Дополнително, за промовирање на демократијата и човековите права во и преку образованието и опремување на младите со компетенции за живеење во мултикултурно општество, проектот Квалитетно образование за сите – градење демократска отпорност – Северна Македонија се спроведува со финансиска поддршка од Германија.

Дополнителни активности за соработка се спроведуваат во рамките на клучните регионални заеднички програми со Европската Унија, фокусирани на зајакнување на улогата и капацитетите на локалните власти во Западен Балкан во спроведувањето и следењето на реформските агенди во рамките на Инструментот за реформи и раст на ЕУ (LORAI) и борбата против киберкриминалот (CyberSEE).

Повеќе информации за Северна Македонија и Советот на Европа

HORIZONTAL FACILITY III ПРОЕКТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА