Примената на домашната правна рамка и оперативните процедури во согласност со Европските затворски правила, како и релевантните најдобри практики, беа во фокусот на сесијата наменета за интервентните единици на затворската полиција во Северна Македонија, која се одржа на 24-25 септември 2026 година.
Тимовите, кои беа формирани пред две години, се задолжени за операции на претрес, управување со осудени лица од висок и многу висок ризик, како и за спровод, покривајќи ги сите казнено-поправни установи. Дводневната сесија понуди практични насоки за препознавање и пријавување на употребата на средства за принуда, со посебен акцент на правната одговорност поврзана со нив. Со оглед на нивната чувствителна улога во обезбедувањето сигурност и почитувањето на човековите права, службениците разговараа за клучните аспекти од нивната секојдневна работа со претставниците на Националниот превентивен механизам и на Надворешниот механизам за контрола, кои функционираат во рамките на Народниот правобранител.
За време на сесијата, 16 учесници анализираа студии на случај и вежби, дискутирајќи за конкретни случаи со кои се соочиле во текот на своето работење. Во изминатите две години, сите припадници на овие тимови учествуваа на сесиите за градење капацитети организирани од Советот на Европа.
Оваа активност беше спроведена во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција”, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.





