Back Нов прирачник им помага на полициските службеници да откриваат трговија со луѓе и да ги штитат жртвите во Северна Македонија

Нов прирачник им помага на полициските службеници да откриваат трговија со луѓе и да ги штитат жртвите во Северна Македонија

Нов прирачник за обука им е на располагање на полициските службеници во Северна Македонија. Тој ќе им помогне да ги препознаат можните случаи на трговија со луѓе (ТЛ), да постапуваат безбедно и во согласност со законите и да ги штитат правата на жртвите. Прирачникот е изработен со поддршка од заедничката акција на Европската Унија и Советот на Европа „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“, во соработка со Полициската академија при Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија. Повеќеинституционалната работна група, составена од претставници на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, судството, обвинителството, центрите за социјална работа и граѓанските организации што работат директно со жртви на трговија со луѓе, го разгледа прирачникот за во него да бидат вклучени стручноста и перспективите на сите што се вклучени во спречувањето и справувањето со трговијата со луѓе.

„Во борбата против трговијата со луѓе, од клучно значење е полициските службеници да ги имаат знаењата и вештините потребни за да ги препознаат знаците на експлоатација, да соберат докази и професионално да ги заштитат човековите права на жртвите на трговија со луѓе. Овој прирачник е практична алатка за идните генерации во Полициската академија. Во него се наведени показатели за трговија со луѓе и се дадени насоки за интервјуирање на жртвите на начин што ја зема предвид траумата“, изјави Билјана ЛАЛОВА, главна инспекторка за основна обука и евалуација во Секторот за обука при Полициската академија.

Осврнувајќи се на прирачникот, ЛАЛОВА истакна дека различни заедници се изложени на ризик од трговија со луѓе. На пример, странските државјани можеби не го познаваат македонскиот јазик и можеби не се чувствуваат слободни да побараат помош. Луѓето може да бидат контролирани преку закани, насилство, измама, задолжување, одземање на личните документи или притисок врз нивните семејства. Во овој контекст, безбедноста и поддршката на жртвите се во средиштето на препорачаното постапување на полицијата во случаите на трговија со луѓе. Прирачникот ја нагласува и важноста на внимателното и навремено собирање докази, како и на координацијата со засегнатите чинители во борбата против трговијата со луѓе. Овој ресурсен материјал претставува уште една важна пресвртница во плодната соработка меѓу Советот на Европа и Полициската академија, насочена кон зајакнување на борбата против трговијата со луѓе, во согласност со европските стандарди.

Прирачникот е достапен на македонски јазик на: https://rm.coe.int/-web-pdf/48802db3c3

Акцијата „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија “ е дел од заедничката иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Скопје, Северна Македонија 7 октомври 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Добредојдовте во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје 

Северна Македонија стана 38-ма земја-членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995 година и активно учествува во сите аспекти на мисијата и работата на нашата Организација за промовирање на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје е основана во 2012 година и покрива разновидни проекти на соработка.

Работејќи во блиска соработка со националните власти, претставниците на граѓанското општество и другите партнери, Канцеларијата моментално спроведува клучни заеднички програми на Европската унија и Советот на Европа. Особено, Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција (Хоризонтален инструмент III) е фокусиран на реформата во правосудниот систем, борбата против економскиот криминал, промовирањето на антидискриминацијата и заштитата на правата на ранливите групи, како и подобрувањето на примената на европските стандарди во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите.

Дополнително, за промовирање на демократијата и човековите права во и преку образованието и опремување на младите со компетенции за живеење во мултикултурно општество, проектот Квалитетно образование за сите – градење демократска отпорност – Северна Македонија се спроведува со финансиска поддршка од Германија.

Дополнителни активности за соработка се спроведуваат во рамките на клучните регионални заеднички програми со Европската Унија, фокусирани на зајакнување на улогата и капацитетите на локалните власти во Западен Балкан во спроведувањето и следењето на реформските агенди во рамките на Инструментот за реформи и раст на ЕУ (LORAI) и борбата против киберкриминалот (CyberSEE).

Повеќе информации за Северна Македонија и Советот на Европа

HORIZONTAL FACILITY III ПРОЕКТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА