Слободата на медиумите зависи од безбедноста на оние кои работат во нив. Во Северна Македонија, клучните чинители преземаат конкретни чекори за зајакнување на безбедноста на новинарите во пракса. Претставници на јавните институции, судството, обвинителството, медиумските и новинарските организации, граѓанското општество и други релевантни чинители се собраа во Скопје за да разговараат за приоритетите и практичните мерки за зајакнување на заштитата и безбедноста на новинарите во Северна Македонија.
Тематската меѓупрофесионална работилница за заштита и безбедност на новинарите беше организирана од Министерството за внатрешни работи во соработка со Советот на Европа, обединувајќи ги релевантните чинители со цел да придонесат кон тековниот процес на подготовка на Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите. Работилницата беше дел од поширок консултативен процес, чија цел е идните мерки да одговорат на предизвиците идентификувани од институциите, новинарите и медиумските работници и да можат ефикасно да се применуваат во пракса.
На отворањето на работилницата, Мухамед Исмаили, помошник-министер за односи со јавност и стратешки прашања во Министерството за внатрешни работи, и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, ја истакнаа важноста на институционалната соработка и континуираниот дијалог со медиумската заедница за создавање средина во која новинарите можат безбедно и слободно да ја извршуваат својата работа. Дискусиите се темелеа на Препораката CM/Rec(2016)4 на Советот на Европа, структурирана околу четири клучни столба – превенција, заштита, гонење и промоција преку информирање, образование и подигање на свеста – како и на целите на кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“ за безбедноста на новинарите.
Консултациите беа насочени кон конкретните предизвици и можните мерки, вклучително и подоследна примена на постојните правни механизми за заштита, навремена институционална реакција на заканите и нападите, подобрена координација меѓу органите за спроведување на законот и обвинителството, одговор на онлајн заканите и родово специфичните ризици, како и зајакнување на институционалното собирање податоци и мониторингот. Посебно внимание беше посветено и на стратешките тужби против јавно учество (SLAPPs), специјализираните обуки за релевантните професионалци, дигиталната и психолошката безбедност, како и механизмите за информирање на новинарите за постапувањето по пријавените случаи.
Размената им овозможи на учесниците да дадат свои коментари за релевантноста, сеопфатноста и практичната применливост на предложените мерки и да ги идентификуваат прашањата за кои е потребно дополнително разгледување. Дискусијата, меѓу другото, ги опфати механизмите за превенција и заштита, истрагата и гонењето на заканите и нападите, институционалните улоги и одговорности, како и начините за зајакнување на меѓуинституционалната соработка.
Придонесите собрани за време на работилницата ќе бидат земени предвид во следната фаза од подготовката на Националниот акциски план. Придонесите ќе бидат систематизирани и вградени во нацрт-планот, придружен со подетална матрица за спроведување која ќе ги опфати надлежните институции, партнерите, роковите, ресурсите, индикаторите и начините за верификација.
Оваа иницијатива ја спроведува Одделението за соработка во областа на слободата на изразување во рамки на проектот „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија“, во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. Активноста, исто така, придонесува кон целите на кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“ за безбедноста на новинарите.





