Back Трет состанок на Управниот одбор на проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”

Трет состанок на Управниот одбор на проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”

На 28 јануари, 2021 година, во форма на онлајн состанок, се одржа третиот состанок на Управниот одбор на проектот на ЕУ и на Советот на Европа, “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”, за да се евидентираат досегашните постигнувања и да се договорат идните интервенции.

На состанокот присуствуваа претставници од Министерството за правда, Адвокатската комора, Македонското здружение на млади правници, Секретаријатот за европски прашања, Фондација отворено општество Македонија, Министерството за надворешни работи, Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија и тимот од проектот за да ги дискутираат клучните резултати во изминатиот период и да разменат погледи во однос на интервенциите планирани за во иднина.

При претставувањето на резултатите, особен фокус беше даден на активностите поврзани со кампањата за подигање на свеста за Бесплатната правна помош (БПП), којашто започна на 26 октомври 2020 година и на којашто проектниот тим ги претстави главните резултати.

На состанокот беше нагласено дека проектот има постигнато значителен напредок во зајакнувањето на координацијата и на комуникацијата меѓу клучните засегнати страни на национално ниво, поддржувајќи организирање на состаноците на Националното координативно тело за спроведување на законот за Бесплатна правна помош (НКТ) и преку успешната работа на Работната група за изготвување на Протоколот за упатување и Адресарот на организации. Овие постигнувања ќе го подобрат квалитетот и ефикасноста на давањето на БПП на граѓаните на Северна Македонија.

Членовите на Управниот одбор се согласија со предложените активности за следните шест месеци, потврдувајќи дека проектот ќе продолжи да се фокусира на зајакнување на капацитетите и на квалитетот на услугите на подрачните одделенија на Министерството за правда, на Адвокатската комора и на граѓанските организации и правни клиники овластени за давање на БПП. Проектот ќе се фокусира и на давање поддршка на Министерството за правда и неговото одделение за БПП за хармонизирање на одредби, политики и практики поврзани со бесплатна правна помош, прибирање на податоци и преструктуирање на ова одделение. Поддршка ќе биде дадена и во областа на правна помош во кривични постапки.

Проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” е дел од заедничката програма на Европска унија/Совет на Европа, “Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022”, имплементирана од советот на Европа, којашто им овозможува на земјите-кориснички да ги исполнат агендите во областа на човековите права, владеењето на правото и на демократијата и да бидат во согласност со европските стандарди и, онаму каде што е можно, во рамките на процесот на проширување на ЕУ.

Скопје 28 јануари 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page