Back Државите мора итно да делуваат за да ги заштитат од трговија со луѓе бегалците кои ја напуштаат Украина

Photo. Shutterstock

Photo. Shutterstock

Во екот на најбрзорастечкиот прилив на бегалци во Европа после Втората светска војна групата експерти на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе (ГРЕТА) предупредува на опасностите да луѓето кои бегаат од вооружениот конфликт во Украина станат жртви на трговија со луѓе и експлоатација.

 

Приближно три милиони луѓе се принудени да ја напуштат Украина за помалку од три недели, барајќи прибежиште во соседните држави и низ Европа. Се проценува дека 90% од нив се жени и деца. Генералната секретарка на Советот на Европа ја нагласи ранливоста на жените и девојките од родово-базираното насилство обидувајќи се да избегаат од конфликтот, и даде заложба во име на Организацијата да ги поддржи земјите членки при згрижување на бегалците кои пристигнуваат од Украина (*)

 

Се дава голема поддршка, многу луѓе нудат превоз и сместување за украинските бегалци. Сепак, овој незапомнет прилив на луѓе носи значителни логистички предизвици како за државните институции така и за хуманитарните организации, особено во државите кои граничат со Украина. Организациите од граѓанското општество како и новинарите кои се во првите редови алармираат за сомнителни случаи на трговија со луѓе во кои се вклучени украински бегалци. Постојат извештаи за трговци со луѓе кои таргетираат деца без родители што бегаат од Украина, а во моментов многу такви деца не се евидентирани, поради брзата евакуација на домовите за деца без родители и домовите за згрижување. Во некои држави, НВО специјализирани во полето на борба против трговија со луѓе делат летоци на бегалците, предупредувајќи ги на ризиците од прифаќање превоз и сместување од непознати лица, и ги информираат како да побараат помош и да пријават сомнителни случаи до постојните национални линии за помош за жртви на трговија со луѓе.

 

Хелга Гајер, Претседателка на ГРЕТА, изјави: „Јавните службеници и организациите од граѓанското општество во државите кои примаат бегалци од Украина мора да бидат алармирани на ризиците за трговија со луѓе и експлоатација. Мора да се преземат итни чекори со кои ќе се зајакне координацијата на граничните премини и капацитетите за примање на бегалците, како и да се воспостави точна евиденција на бегалците и нивен пристап до неопходната документација, дозволи за престој и основни услуги“.

 

„Луѓето кои бегаат од војна се физички и психолошки истоштени, новите средини им се непознати и се крајно ранливи како плен за криминалците. Структурите кои примаат бегалци мора да обезбедат дека истите се информирани за нивните права, на јазик кој го разбираат, и дека им е обезбедена психолошка и материјална поддршка. Властите мора да преземат чекори за спречување лажни понуди за превоз, сместување и работа, и да ги зајакнат безбедносните протоколи за деца без придружба, поврзувајќи ги со националните системи за заштита на децата“, додаде таа.

 

ГРЕТА е исто така длабоко загрижена за безбедноста на персоналот на организациите од граѓанско општество кои работат на полето на борба против трговијата со луѓе во Украина, и за страдањето на многуте жртви на трговија со луѓе на кои тие им помагаат. Во вториот извештај за Украина објавен во 2018 г., ГРЕТА веќе посочи на зголемената ранливост на трговија со луѓе за милионите внатрешно раселени лица (ВРС) кои беа присилени да ги напуштат своите домови по незаконското припојување на Автономната Република Крим и градот Севастопол во 2014 г. и вооружениот конфликт во регионите Доњецк и Луганск. Тешкотиите со кои овие внатрешно раселени лица веќе се среќаваат дополнително се влошени со тековниот воен напад на Руската Федерација, ставајќи го во уште поголем ризик на ревиктимизација.

 

ГРЕТА потсеќа на обврската на 48-те држави потписнички на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе со цел спречување на трговија со луѓе и идентификување и заштита на жртвите од истата. Овие обврски и понатаму се на сила, дури имаат и зголемена релевантност во времиња на вонредна состојба, како што е масивен прилив на бегалци. Конвенцијата ја препознава важноста од тоа да државите потписнички овозможат миграцијата да се спроведе законски. Исто така, од државите потписнички бара да воспостават соодветни процедури за идентификација со што ќе се овозможи детектирање на жртви на трговија со луѓе, вклучително и меѓу луѓе кои бараат меѓународна заштита и да им се овозможи да ги остварат своите права на помош, заштита и надоместок. Насоките на ГРЕТА за правата на жртвите на трговија со луѓе, и лицата кои се во опасност да бидат тргувани, на меѓународна заштита се од важност во овој поглед.

 

ГРЕТА продолжува да го следи спроведувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе за да обезбеди дека потписничките на конвенцијата ги исполнуваат своите заложби за спречување и борба против трговијата со луѓе. Во согласност со Правилата за процедура за оценување на спроведување на Конвенцијата, доколку ГРЕТА прими веродостојни информации кои укажуваат на ситуација каде проблемите бараат итно внимание за да се спречи или ограничи обемот или бројот на сериозни прекршувања на Конвенцијата, може итно да побара информации од било која потписничка на Конвенцијата и да изврши итна посета.

Стразбург 17 март 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page