Back Втора тркалезна маса за пресудата на ЕСЧП во предметот Елмазова и други против Северна Македонија: Зајакната координација и потврдена посветеност за инклузивно образование во Северна Македонија

Втора тркалезна маса за пресудата на ЕСЧП во предметот Елмазова и други против Северна Македонија: Зајакната координација и потврдена посветеност за инклузивно образование во Северна Македонија

Во рамките на проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“, имплементиран од Советот на Европа, а со финансиска поддршка од Владата на Сојузна Република Германија, во Велес на 17 јуни 2025 година се одржа втората тркалезна маса посветена на следењето на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Елмазова и други против Северна Македонија. Настанот се надоврза на првата тркалезна маса одржана на 16 јануари 2024 година во Скопје, организирана како реакција на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Елмазова и други против Северна Македонија, со која беше утврдена дискриминација врз ученици Роми поради нивната сегрегација во две државни основни училишта.

Во изминатиот период, 25 пилот-училишта – вклучително и двете училишта опфатени со пресудата – добија поддршка за развивање инклузивно управување, унапредување на демократска училишна култура и зајакнување на ученичкото учество. Активностите вклучуваа обуки, менторска поддршка, развој на инклузивни наставни материјали и Летни академии за демократија и човекови права на теми како што се недискриминација, инклузија, различност и мирно решавање конфликти.

Особено значајно беше студиското патување во Хрватска, каде претставници од институции, општини и училишта од Битола и Штип разменуваа искуства со колеги од Хрватска, инспирирани од пресудата Оршуш и други против Хрватска. Овие практики се основа за изградба на локализирани пристапи кон десеґрегацијата.

Настанот овозможи заеднички преглед на напредокот во имплементацијата на пресудата, идентификување на конкретни предизвици и дефинирање на препораки за понатамошна координирана акција. Учество земаа претставници од институции, општини, училишта и граѓанскиот сектор, кои ја потврдија потребата од стратешка меѓусекторска соработка, усогласување на политики и заедничка одговорност за обезбедување квалитетно и еднакво образование за сите ученици.

Велес, Северна Македонија 17 јуни 2025
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page