Во Северна Македонија, статистиката покажува дека меѓу 2017 и 2020 г.,75% од сите идентификувани жртви биле деца, повеќето тргувани заради сексуална експлоатација, но исто така за принудни бракови и заради трудова експлоатација. За да се обезбеди поддршка во идентификацијата и упатувањето на таквите случаи, од страна на проектот на ЕУ и Советот на Европа „Спречување и сузбивање на трговија со луѓе во Северна Македонија“ во соработка со Бирото за развој на образованието, беше одржана обука за интервјуирање на деца-потенцијални жртви, преку која на 30 училишни психолози и педагози од Скопје и Битола беа споделени клучни познавања и информации од темата.
„Овој вид на практично-ориентирани обуки за техники за интервјуирање за училишни психолози и педагози, со цел прелиминарно идентификување на децата – потенцијални жртви на трговија со луѓе се многу важни во спречување и сузбивање на трговијата со деца“ – изјави на почетокот на обуката Светлана Цветковска, претседавач на Подгрупата за спречување и борба против трговијата со деца при Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.
„Децата -потенцијални жртви на трговија со луѓе мора да бидат интервјуирани со емпатија и разбирање за тоа што се крие зад индикаторите за трговија со деца“ – истакна една од обучувачките и ко-авторка на материјалите за обука и едукација за трговија со деца, Професорка Верица Трајкова од НВО „За среќно детство“.
Како резултат на успешната и континуирана соработка меѓу заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа за Спречување и борба против трговија со луѓе во Северна Македонија и Бирото за развој на образованието, сите основни и средни училишта во Северна Македонија добија материјали за обука и едукација за спречување и борба со трговијата со деца, на повеќе јазици, како и онлајн обуки на истата тема.
Активноста беше организирана во рамки на проектот Спречување и борба против трговија со луѓе во Северна Македонија, дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, Хоризонтален инструмент за Западен Балкани Турција II, која за цел има да им помогне на земјите кориснички од Западен Балкан и Турција да ги исполнат стандардите на Советот на Европа и правото на Европската Унија во рамки на процесот на проширување.
