Back Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на Северна Македонија доби техничка опрема за поддршка на својата улога во Надворешниот механизам за контрола

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на Северна Македонија доби техничка опрема за поддршка на својата улога во Надворешниот механизам за контрола

Техничка опрема во вредност од над 24,000 ЕУР денес беше донирана на Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, што е дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на Северна Македонија.

Обвинителката Вилма Русковска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје се заблагодари за поддршката наменета за Надворешниот механизам за контрола, истакнувајќи ја важноста на оваа донација во процесот на обезбедување заштита на основните човекови права и слободи.

„Имајќи предвид дека обвинителството е единствен и самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривични дела, се наметнува сама од себе потребата обвинителството да биде неколку чекори пред оние кои ги гони, а особено ако сторителите се полициски службеници кои ја злоупотребиле довербата што им ја пружила државата и ги прекршиле основните човекови права и слободи. Нашата работа освен посветеност, подразбира и потреба од нови современи технолошки помагала како за спроведување на истражните дејствија, така и за секојдневно непречено функционирање на обвинителството. Сведоци сме дека технологијата е најпроменливата работа во денешно време и дека сите имаме потреба од постојано надоградување или обновување на опремата со која располага обвинителството. Во таа насока, сакам да се заблагодарам на претставниците на ЕУ и Советот на Европа за укажаната доверба во нашето работење и што со нивната донација ќе придонесат кон поголема ефективност и ефикасност на обвинителите и истражителите кои работат во Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, изјави обвинителката Русковска.

Раководителката на оперативно работење на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ ја подвлече постојаната соработка со институциите во обидите за унапредување на Механизмот, како и кон градење на побезбедно и похумано општество каде се почитуваат и штитат правата на секое лице кое верува дека било жртва на несоодветно постапување од лица со полициски овластувања.

„Советот на Европа соработува со институциите од самото воспоставување, како и во текот на градењето капацитети на овој Механизам, кој треба да се комплетира со дополнителни истражители во рамките на Јавното обвинителство. Досегашните резултати се охрабрувачки и опремата која ја предаваме денес треба дополнително да ги поддржи обвинителите во нивната важна работа”, истакна Дервишагиќ.

Фрек Јанмаат, раководител на секција во Делегацијата на ЕУ во Скопје, ја истакна важноста на постоење ефикасен систем за адресирање на отчетноста и неказнивоста за несоодветно постапување и други незаконски дејства, извршени од страна на лица со полициски овластувања. „Механизмот со своите независни, ефективни и ефикасни истраги и гонења на случаите на несоодветно и незаконско постапување е важен елемент за системско адресирање на полициската неказнивост и недостиг на отчетност. Граѓаните треба да веруваат дека секое тврдење за такви тешки повреди на човековите права, ќе биде соодветно истражено и дека нема да бидат отфрлени. Целосното и безусловно почитување на човековите права е едно од основните европски вредности, кое е во сржта на процесот на постапување”, истакна Јанмаат.

Техничката опрема се состои од 8 лаптопи, 3 принтери, 3 скенери и 1 мулти-функционален уред за скенирање и печатење, обезбедена преку заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа за „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија”. Проектот има за цел да ги зајакне капацитетите на клучните актери на пенитенцијарниот систем, како и на Механизмот врз работата на службениците со полициски овластувања, вклучувајќи го Министерството за внатрешни работи (Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди), како и Народниот правобранител – Механизам за граѓанска контрола.

Надворешниот механизам за контрола е основан со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа во 2018 година. Механизмот се фокусира на случаите каде лицата со полициско овластувања, при извршување на службена задача или надвор од службата, со употреба на сила, средства за присилба или сериозна закана сториле кривично дело при што настапила смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда или противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово нечовечко или понижувачко постапување.

Оваа иницијатива следи по градењето капацитети и институционална поддршка со сите вклучени страни во Механизмот, во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022”. што се спроведува во блиска соработка со Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

За повеќе информации:

Ѓакуш Кабаши ,+38975495495

Бесник Бака, +355692178430

Душан Војновиќ, +33390215699

 

Скопје 2 март 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page