Back Предлози за измена на Законот за бесплатна правна помош се дискутираа на десеттиот состанок на Националното координативно тело за БПП во Северна Македонија

Предлози за измена на Законот за бесплатна правна помош се дискутираа на десеттиот состанок на Националното координативно тело за БПП во Северна Македонија

Десеттиот состанок на Националното координативно тело за спроведување на Законот за бесплатна правна помош (НКТ) во Северна Македонија се одржа во Скопје, на 7 октомври 2022, со цел да се дискутираат важни прашања поврзани со системот за бесплатна правна помош во Северна Македонија.

Организиран во рамките на континуираната поддршка која ја даваат ЕУ и Советот на Европа за подобрување на услугите за бесплатна правна помош за граѓаните на Северна Македонија, настанот собра на едно место 40 учесници од клучните институции во областа на бесплатната правна помош, вклучувајќи ги Министерството за правда и неговите подрачни одделенија и канцеларии, Адвокатската комора, адвокати, граѓански организации и правни клиники овластени да даваат бесплатна правна помош. Вработените во подрачните одделенија, исто така, имаа можност да го следат настанот онлајн.

Состанокот го отвори Државниот советник во Министерството за правда, Аркин Јахији и вишата раководителка на проектот од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Ирена Цуцулоска Јакимовска. Тие ја нагласија важноста на Националното координативно тело како еден важен механизам за соработка и координација кој осигурува подобрен пристап до правдата за граѓаните преку подобрена меѓу-институционална соработка.

Во првиот дел од состанокот се дискутираше изводливоста за воспоставување на единствено раководно тело кое би го презело целиот спектар на надлежности поврзани со бесплатната правна помош (во граѓански, управни и кривични постапки) во којшто меѓународните консултанти, г-дин Џон Имс (судија од Обединетото Кралство) и г-дин Виктор Захариа (претседател на Одборот за правна помош во Молдавија) ги претставија првичните резултати од нивната мисија во Скопје и првичниот предлог за структурата на ова ново тело. Идејата за воспоставување на единствено раководно тело за бесплатна правна помош се дискутираше со учесниците кои едногласно ја поддржаа идејата и го сметаат за неопходно за осигурување на поефективен систем на бесплатна правна помош.

Вториот дел од состанокот беше посветен на дискусија за конкретни предлози и препораки за измени на Законот за бесплатна правна помош. Националните консултанти на Советот на Европа ја претставија Нацрт-анализата за спроведување на Законот за бесплатна правна помош и потребата од негова измена, по што следеше темелна дискусија со учесниците во однос на законските одредби кои треба да се подобрат.

Националното координативно тело ќе продолжи со својата работа и со посветеноста на постигнување подобра координација и комуникација меѓу главните актери во системот за бесплатна правна помош во иднина. Капацитетите на НКТ и натаму ќе се зајакнуваат со цел да стане потполно само-одржливо и во иднина, по завршувањето на проектот на СЕ. Во таа насока, се предлага Законот за бесплатна правна помош да вклучува правна основа за Националното координативно тело и да ги регулира неговите надлежности и неговиот состав.

Проектот “Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” кој е дел од заедничката програма на Европска унија/Совет на Европа, “Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II 2019-2022” ќе продолжи да ги поддржува јавните власти во нивните напори за зајакнување на ефикасноста, квалитетот, пристапноста и свеста за бесплатната правна помош во Северна Македонија.

Скопје 7 октомври 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page