Европската Унија и Советот на Европа ја продолжуваат поддршката за институциите на Северна Македонија, со цел заштита на човековите права на осудените и лицата лишени од слобода, во согласност со европските стандарди. 23 припадници на Единиците за интервенции на затворската полиција учествуваа на сесијата за градење капацитети, која се одржа на 2-3 јули 2025 год. во Скопје. Фокусот на овие сесии беше на домашната правна рамка, Европските затворски правила, како и најдобрите практики.
Овие единици се надлежни за претреси, справување со осудени лица од висок и многу висок ризик, како и спровод. Единиците функционираат во казнено-поправните установи Идризово и Штип, покривајќи ги установите во целата земја. На сесиите беа дадени конкретни упатства за идентификување и известување при употреба на сила, од перспектива на правна одговорност.
Освен презентациите на оваа тема, учесниците анализираа и конкретни студии на случај и вежби, каде се дискутираа случаи со кои се соочиле во минатото. Целта на обезбедената експертиза е да се заштитат човековите права на осудените лица, паралелно со поставувањето на ефективни процедури со кои ќе се зголеми генералната безбедност на затворите на Северна Македонија.
Оваа активност беше организирана во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.
