Новата Национална стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Република Северна Македонија (2021-2025) е важно достигнување кое ќе придонесе кон обезбедување на побезбеден и почовечки третман на притворените и осудените лица, како и почитување на нивните основни права, во согласност со европските вредности и стандарди.
Денеска во Скопје беше промовирана Националната стратегија, заедно со медицинската опрема за пенитенцијарните институции, со поддршка од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа ”Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 - 2022”.
Во неговото обраќање, заменик министерот за правда на Република Северна Македонија, Агим Нухиу ги истакна новостите кои ќе ги донесе спроведувањето на новата Стратегија, во пошироката реформска рамка на владата.
Јулиан Васало, заменик шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија подвлече дека усвоената Национална стратегија е уште еден чекор кон адресирање на постојните предизвици, но клучот е во нејзиното спроведување. Васало изјави дека е човечко право да се обезбеди здравствена заштита кое е споредливо со нивото надвор од затворите, истакнувајќи дека сеуште е потребна силна политичка волја за затворските услови да ги достигнат европските стандарди.
Од негова страна, директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски и се заблагодари на Европската Унија и на Советот на Европа за дадената поддршка. „Оваа Национална Стратегија ги зема предвид ставовите од сите вклучени институции – вклучително и на Народниот правобранител, како и на меѓународните тела за мониторинг”.
Лејла Дервишагиќ, раководителка на оперативно работење во Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје им се заблагодари на учесниците и институциите за соработката во зајакнување на капацитетот на националниот пенитенцијарен систем, како и обезбедувањето на здравствена заштита во затворите. „Продолжуваме и понатаму со поддршката за институциите во спроведување на оваа Стратегија, со дефинираната цел за унапредување на затворскиот систем, во согласност со највисоките европски стандарди за спроведување на казните и алтернативните санкции,” заклучи Дервишагиќ.
Медицинската опрема е обезбедена за шест пенитенцијарни институции во земјата (Гевгелија, Идризово, Прилеп, Скопје, Тетово, Штип). Со вкупна вредност од над 46,000 ЕУР, таа вклучува и стоматолошки кабинет, како и ЕКГ уреди за сите шест установи. Истата треба да помогне во подобрувањето на здравствената заштита во затворските установи. (Слики од донацијата – медицинска опрема се достапни тука).
Оваа активност се организира во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 - 2022” односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија” кој се спроведува во соработка со Министерството за правда на Република Северна Македонија, како и Управата за извршување на санкциите.
За повеќе информации:
Ѓакуш Кабаши / +38975495495
Бесник Бака / +355692178430
Душан Војновиќ / +33390215699
