Back ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА МЕДИУМИТЕ: Промовирање на кампања за подигање на свеста за Бесплатната правна помош во Северна Македонија

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА МЕДИУМИТЕ: Промовирање на кампања за подигање на свеста за Бесплатната правна помош во Северна Македонија

Подобрувањето на квалитетот на правдата и осигурувањето пристап до подобрени услуги за бесплатна правна помош се од исклучителна важност за граѓаните на Северна Македонија и се клучен приоритет за Европската унија и за Советот на Европа. По повод Европскиот ден на правдата, во Скопје се одржа видео-конференција на високо ниво, во рамките на заедничкиот проект на Европската унија и на Советот на Европа, Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија, во соработка со Министерството за правда, со цел да се одбележи почетокот на кампањата за подигање на свеста со која ќе се промовира подобар пристап и поефикасни услуги за бесплатна правна помош за граѓаните на Северна Македонија.

Бојан Маричиќ – Министерот за правда на Северна Македонија им посака добредојде на учесниците и напомена дека преку системот за бесплатната правна помош се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош и да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на Северна Македонија. Тој нагласи дека сите граѓани треба да имаат загарантиран пристап до правдата и фер и правично судење.

Во своето обраќање, Кристоф Пуарел – Директор на Директоратот за човекови права во Советот на Европа, зборуваше за напредокот остварен во областа на услугите за бесплатна правна помош во Северна Македонија, нагласувајќи дека од суштинска важност се и јавната свест и информираноста. “Граѓаните треба да знаат дека, под одредени услови, можат да си решат одреден проблем и да си ги заштитат своите права со поддршка на бесплатната правна помош”, рече Пуарел во своето обраќање.

Никола Бертолини – Раководител на секторот за соработка - Делегација на Европската унија во Скопје, во своето излагање се фокусираше на поддршката што ја има дадено ЕУ досега и на предизвиците што се пред нас во однос на обезбедувањето бесплатна правна помош за сите граѓани.

За време на овој онлајн настан, којшто беше пренесуван во живо преку веб-платформи и споделен на социјални медиуми, граѓаните имаа можност да се запознаат со новата визија и со идните планови за подобрување на услугите за бесплатна правна помош во Северна Македонија.
Со јавноста беа споделени важни информации за новиот закон за бесплатна правна помош чијашто цел е да се обезбеди подобар пристап до услугите за бесплатна правна помош за македонските граѓани. Во таа насока, Веб-страницата за БПП: http://www.pravnapomos.mk/ изработена од Министерството за правда, ќе функционира како платформа за наоѓање битни и најнови информации за услугите за бесплатна правна помош во Северна Македонија.

Настанот беше организиран во рамките на програмата “Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II”, иницијатива за соработка, ко-финансирана од Европската унија и Советот на Европа, чијашто цел е да им се помогне на земјите-кориснички од Југоисточна Европа да ги достигнат европските стандарди и Акито на Европската унија, во рамките на процесот на проширување.

Скопје 26 октомври 2020
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page