Back Соопштение за медиуми

Постојаната соработка помеѓу Европската Унија и Совет на Европа ги приближува реформите во Северна Македонија поблиску до европските вредности и стандарди
Соопштение за медиуми

7 април 2022, Скопје Главните партнери и клучните корисници на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „ Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022“(фаза 2) денеска ја истакнаа важноста од продолжување и унапредување на реформската агенда на Северна Македонија во согласност со европските вредности и стандарди.

Третиот Управен одбор на корисници на програмата Horizontal Facility II ги собра во Скопје претставници од јавните власти, невладините организации, независните тела и релевантните чинители за да разговараат за постигнатите резултати и одржливите пресвртници во унапредувањето на тековните реформи. Овие реформи имаат за цел да го подобрат пристапот до правниот систем, подобра заштита на правата на притворените и осудените лица, зајакнување на режимите за борба против корупција и перење пари, обезбедување подобра заштита на жртвите на трговија со луѓе, борба против дискриминација и говор на омраза, како и подобрување на слободата на изразување и слободата на медиумите базирани врз основа на европските стандарди и најдобри практики.

Во своето поздравно обраќање, директорот за мултилатерални работи - Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, Пајо Авировиќ, го истакна партнерството помеѓу Делегацијата на ЕУ и Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, како и активното вклучување на институциите директни корисници, флексибилноста и проекти ориентирани кон резултати во рамките на програмата Horizontal Facility II, имајќи ја предвид улогата на Министерството за надворешни работи во овој процес, како дел од механизмот за координација. „Додека го очекуваме заслужениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, ние остануваме посветени на европската реформска агенда дома и ја цениме соработката и поддршката што ја добиваме, вклучително и преку оваа заедничка програма ЕУ - Советот на Европа, која се надеваме дека ќе продолжи да се спроведува и во третата фаза, како партнери во промовирањето на европските вредности и споделувањето на приоритетите во областа на човековите права, демократијата и владеењето на правото. “изјави Авировиќ.

Штефен Худолин, раководител за соработка, Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија, во своето обраќање истакна: „Заедничката програма „ Horizontal Facility II “ на Европската унија и Советот на Европа значително ги поддржаа институциите-кориснички во нивните напори да продолжат со неопходните реформи во областа на човековите права и владеењето на правото. Постигнати се низа вредни резултати во рамките на секоја поединечна акција во претходниот период, кои директно придонесоа за позитивните движења на законодавно, но и на политичко и советодавно ниво. Сето тоа се директни придонеси за подобар живот на граѓаните“.

Делфин Фрејман, раководителка на одделот за програмирање, Канцеларијата на Генералниот директорат за програми, Советот на Европа ја истакна важноста на денешниот состанок како можност да се направи преглед на опипливите резултати постигнати во рамките на програмата, како и да се размислува за научените лекции пред почетокот од следната фаза на програмата. „Европската унија и Советот на Европа ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во текот на нејзиниот реформски процес за да ги одржи кредибилните резултати кои веќе се постигнати во корист на граѓаните“, рече Фрејман.

За повеќе информации:
Besnik Baka, тел. +355 69 21 78 430 или
Dusan Vojnović, тел. +33 3 90 21 56 99

 

Horizontal Facility програма во Северна Македонија

Заедничката програма на Европската унија и Совет на Европа „ Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ беше создадена како иницијатива за соработка за да им помогне на корисниците од Западен Балкан и Турција да се усогласат со европските стандарди во рамките на процесот на проширувањето. Втората фаза од програмата е финансирана од Европската Унија и Советот на Европа во износ од 41 милион евра. Работи во периодот помеѓу 2019 и 2022 година и се надоврзува на резултатите од првата фаза.

Со наменски фонд од над 4,2 милиони евра, Horizontal Facility II во Северна Македонија постигна опипливи резултати во текот на минатата година и покрај ефектот што пандемијата COVID-19 го имаше врз спроведувањето на нејзините активности.

* * * * *

На полето на зајакнување на постапувањето со човековите права на притворените лица, програмата придонесе во тековните напори за подобрување на затворскиот систем. Имено, програмата ја поддржа подготовката на Стратегијата за развој на пенитенцијарниот систем со цел да обезбеди третман на затворените лица и нивните семејства во безбедна средина со почит и достоинство. За илустрација, неодамна во затворот во Прилеп беше отворено детското катче и затворска библиотека за семејства и деца чии родители издржуваат затворска казна.

Дополнително, програмата имаше за цел директно да го подобри животот на носителите на правата преку придонес во процесот на подобрување на ефикасноста, квалитетот, пристапноста и свеста за системот за бесплатна правна помош. Преку иницијативите за подигнување на свеста кои допреа до повеќе од 300 000 граѓани меѓу општата популација, а особено жените и ранливите групи, граѓаните повеќе се запознаени со релевантните одредби за бесплатната правна помош. Покрај тоа, програмата тесно соработува со клучните актери за да го подобри пристапот до правдата за барателите на азил преку обезбедување на ефективна бесплатна правна помош.

Иницијативите за спротивставување на дискриминацијата вклучуваат активности за подигнување на свеста за борба против говорот на омраза и дискриминација кои ги таргетираат членовите на ранливите групи, кои веќе биле погодени од стигма и дискриминација за време на пандемијата COVID-19. Беа посветени конкретни напори за елиминирање на нееднаквостите и воведување на родовата интеграција како клучен приоритет на програмата. Во овој контекст, со поддршка на програмата, новинарите го усовршија своето знаење за подготовка на родово балансирани и ориентирани кон жртвите медиумски извештаи.

За да се надополни овој пристап и со цел дополнително да се подобри следењето и известувањето за случаите на родово засновано насилство во медиумите, беа изготвени и споделени конкретни упатства за да им се помогне на новинарите во нивната работа. Во областа на слободата на изразување/слободата на медиумите, беше обезбедена поддршка за подобрување на соработката меѓу медиумските актери и пратениците и на тој начин зајакнување на одговорноста и транспарентноста на парламентарните процеси.

Во однос на напорите за спречување и борба против трговијата со луѓе, дадена е конкретна поддршка преку континуираната соработка со граѓанските организации и локалните власти. Активностите за градење капацитетите кои вклучуваат различни актери на теренот обезбедија подобрена идентификација, заштита и помош на жртвите на трговија со луѓе во согласност со европските стандарди. Посебен фокус е посветен на заштитата на групите ранливи на трговија со луѓе, како и на злосторства од омраза. Преку своите интервенции, програмата обезбеди поддршка и помош за жртвите на трговија со луѓе и ја подигна натамошната свест за правата на ЛГБТИ во локалните заедници.

На полето на борбата против корупцијата и перењето пари, програмата придонесе за развој на „Законот за конфискација заснована на неосудуваност“, вклучувајќи значајни препораки и ревизии во согласност со европските стандарди. Дополнително, со цел да се зајакне имплементацијата на барањата од Конвенцијата на Обединетите нации против корупција и препораките на Советот на Европа, организирани се активности за подигање на свеста со Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за правда, но и други органи вклучени во процесот на борба против корупцијата.

 

Како дел од Експертскиот координативен механизам, кој обезбедува експертиза во рамките на системот на Советот на Европа за да одговори на барањата за законодавна експертиза и совети за политиките, Венецијанската комисија усвои важно мислење за нацрт-законот за вонредна состојба во Северна Македонија. по барање доставено од Министерството за правда во Северна Македонија.

 

Повеќе информации за Horizontal Facility II програмата во Северна Македонија

Скопје 7 април 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page