Back Партнерите и чинителите дискутираа за спроведувањето на пресудата на ЕСЧП и остварувањето на правата на трансродовите лица

Партнерите и чинителите дискутираа за спроведувањето на пресудата на ЕСЧП и остварувањето на правата на трансродовите лица

На 25 мај се организираше онлајн дискусија за спроведувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот „X против Северна Македонија“ и измените во Законот за матична евиденција кои се однесуваат на правното признавање на родот.

На активноста присуствуваа различни засегнати страни: пратеници, претставници на Владата, претставници на граѓанските организации и активисти, претставници од Делегацијата на Европската Унија, како и претставници на Одделението за сексуална ориентација и родов идентитет и Одделот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Советот на Европа.

Учесниците имаа можност да дискутираат за клучните точки околу спроведувањето на горенаведената пресуда на ЕСЧП каде беше утврдено повреда на правото на почитување на приватниот и семејниот живот (Член 8 од Европската конвенција за човекови права) на апликантот кој е трансродово лице, поради недостаток на правна регулатива за правно признавање на неговиот родов идентитет, а се дискутираше и за тоа како предложените измени се клучен фактор за спроведување на пресудата.

Дискусијата беше отворена со воведни обраќања на Лејла Дервишагиќ, оперативна директорка на Канцеларијата на Совет на Европа во Скопје, Фрејк Јанмат, раководител на сектор за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка, Тања Кикерекова, раководителка на Одделението за човекови права при Министерството за правда и Маја Морачанин, пратеничка и координаторка на Интра-партиската парламентарна група за унапредување на ЛГБТИ правата.

Говорниците ја искажаа нивната поддршка за измените на Законот за матична евиденција и нивното значење за исполнување на европските стандарди во ова поле, како и продолжување на реформите за унапредување на ЛГБТИ правата. Панелистите зборуваа на темата од различни аспекти, на основа на нивната работа и мандат, вклучувајќи ја и важноста за процесот на правно признавање на родот поврзано со спроведување на пресудата во случајот „Х против Северна Македонија“ и влијанието кое ќе го има врз животот на трансродовите лица. Преставниците на граѓанското општество ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат трансродовите лица во државата.

Владата на Република Северна Македонија ги усвои измените во Законот за матична евиденција кои се неопходни за спроведување на пресудата на ЕСЧП од 2019 година и да им се даде можноста на трансродовите лица да ги остварат своите граѓански права и да им биде признаен родовиот идентитет. Следниот чекор во процесот е усвојувањето на измените во Собранието на Република Северна Македонија, што беше поттикнато и поддржано од страна на сите учесници во дискусијата.

Иницијативата беше организирана во соработка помеѓу Одделението за соработка и борба против говор на омраза и Одделението за сексуална ориентација и родов идентитет во рамки на Одделот за анти-дискриминација на Советот на Европа, поддржана од проектот „Промоција на различноста и еднаквоста во Северна Македонија“ како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“.

Скопје 25 мај 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page