Второто издание на онлајн курсот за Слободата на изразување е сега достапно на албански, босански, македонски, црногорски и српски јазик.
Курсот, првично изработен во 2016 година во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа, е сега ажуриран со најовата судска пракса во ова поле, и е направен уште поинтерактивен и визуелно унапреден во рамките на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Југоисточна Европа (ЈУФРЕКС-2)“. Второто издание на онлајн курсот е изработено од Одделот за информатичко општество на Советот на Европа, во соработка со Европската програма за Едукација на правните професионалци/ки за човековите права (ХЕЛП).
Информации и цели на курсот
Во контекст на ефективна демократија и почитување на човековите права, онака како што се заштитени со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), слободата на изразување е од клучна важност. Без широко загарантирано право на слобода на изразување заштитено со независни и непристрасни судови, нема демократија.
Во рамки на Европскиот систем за заштита на човековите права, слободата на изразување е заштитена со член 10 од ЕКЧП. Истовремено, слободата на изразување може да е во судир со други права кои ги штити ЕКЧП, како на пример правото на почитување на приватен живот, на совест и религија, итн. До судир може дополнително да дојде и кога властите треба да ги заштитат интересите или вредностите наведени во член 10, став 2 од ЕКЧП, како што се националната безбедност или јавното здравје. При појава на таков судир, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) поставува баланс со цел да се воспостави преовладување на едно право или интерес пред друго. Балансот на конфликтни интереси, меѓу кои и слободата на изразување, ја зема предвид важноста на второто.
ЕСЧП има развиено огромна судска пракса за примена на членот 10 од ЕКЧП. При одлучувањето по предмети кои се однесуват на слободата на изразување, од домашните судови се бара да ги применуваат стандардите развиени од ЕСЧП. За тоа да биде можно, тие мора да се добро запознаени со релевантната судска пракса на ЕСЧП.
Бесплатниот ХЕЛП онлајн курс цели токму кон асистирањето на експерт(к)ите по право, но и на други релевантни експерт(к)и како и студент(к)и на универзитетите, да ги разберат Европските стандарди кои се однесуваат на слободата на изразување и ефективната примена на членот 10 од ЕКЧП на национално ниво.
Структура на курсот
Курсот е составен од 4 практични модули. Првиот е вовед во член 10 на ЕКЧП и клучните принципи за негова примена. Останатите модули претставуваат преглед на пристапот на ЕСЧП при справувањето со релевантни теми на кои често расправа во рамки на членот 10. Курсот е со вкупно траење од приближно 9 часа.
Курсеви под водство на тутор/ка и за самоучење
Партнерите во проектот ЈУФРЕКС-2 под водство на тутор/ка ќе може да го имплементираат курсот за Слободата на изразување – кој содржи информации за меѓународните стандарди, но и за домашното законодавство во рамки на регионот во ЈИЕ и институционалните рамки и практики (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Во овие земји ќе биде овозможен/понуден курсот преку домашните институции за обучување правни професионалци/ки (Академии за судии, Адвокатски комори) и Универзитетите во текот на 2021/2022 година и ќе се користи како алатка која ќе ги надополни традиционалните образовни материјали кои се користат во правното образование, и по завршувањето на проектот.
Покрај курсевите под водство на тутор/ка, на ХЕЛП платформата се сега достапни и курсеви за самоучење на следните јазици:
Повелете и погледнете го курсот за Слободата на изразување.
Уживајте во учењето!
* Ова назначување не е во спротивност со позициите за статусот и е во согласност со Резолуцијата 1244 на ОБСЕ и мислењето на МСП за Косовската декларација за независност.
