Back Северна Македонија кон европските стандарди за регулирање на медиумите – работилница за најновите измени на Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги

Северна Македонија кон европските стандарди за регулирање на медиумите – работилница за најновите измени на Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги

Со оглед на постојаните измени во делот на регулирањето на медиумите во согласност со европските стандарди и ЕУ acquis, како и потребата од усогласуавње со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги, во Скопје се одржа онлајн работилница со регулаторното тело за медиуми.

На оваа работилница учество земаа претставници/чки од стручната служба на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и државни службеници/чки од Министерството за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, со цел продлабочување на нивното знаење за Директивата на ЕУ и трасирање на патот кон усогласување со европските стандарди. За време на дводневната работилница, г-а Деирдре Кевин, меѓународна експертка на Советот на Европа, ги презентираше последните измени во Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги и презентираше на неколку релевантни теми како Актот за дигитални услуги, платформите за споделување видеа кои се опфатени со Директивата, како и независноста на регулаторните тела за медиуми. Во своето излагање таа ги истакна обврските за промовирање на европските дела кај услугите на барање на корисниците/чките, како и зголемената заштита на малолетниците/чките од штетни содржини во онлајн светот. Учесниците/чките имаа можност дополнително да дискутираат за праксите за само- и ко-регулирање и за зајакнатите одредби за заштита на деца од несоодветни рекламни содржини за храна богата со масти, сол и натриум, и шеќери.

На работилницата беше презентиран преглед на измените и дополнувањата на Директивата на ЕУ за аудиовизуелни работи и учесниците/чките разменија мислења за тоа кој е најдобриот начин за усогласување на истите со домашната легислатива. Плодната дискусија во текот на двата дена покрена прашања за следните чекори кон усогласувањето на домашната легислатива во Северна Македонија, за одговорните тела во тој процес, за целосната координација на сите релевантни чинители, и слично. Различните искуства од земјите од ЕУ презентирани на оваа работилница беа корисни за изнаоѓање на најсоодветно решение за процесот што следи во Северна Македонија во насока на усогласување со горенаведената Директива.

Оваа работилница беше организирана во рамки на проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“. Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II“ и им овозможува на Корисниците да ги исполнат реформските агенди во делот на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди во рамки на процесот на проширувањето на ЕУ, онаму каде што е тоа применливо.

Скопје 26 - 27 мај 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page