Повеќе од 100 професионалци од областа на образованието, носители на политики и претставници на институции се собраа во Скопје на Завршната работилница на проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“, имплементиран од Советот на Европа и финансиран од Сојузна Република Германија.
Работилницата, организирана под мотото „Зајакнување на училиштата за демократско образование“, го одбележа успешното завршување на интензивен процес кој вклучи 25 пилот-училишта од целата земја. Во изминатите две години, овие училишта презедоа конкретни чекори за унапредување на демократските вредности, зајакнување на учеството на учениците и поттикнување на инклузивна училишна клима.
Настанот беше отворен со обраќања од страна на г-ѓа Весна Јаневска, министерка за образование и наука на Република Северна Македонија; г-дин Јан-Аксел Вос, заменик-шеф на мисија при Амбасадата на Сојузна Република Германија; г-ѓа Весна Атанасова, раководителка на Одделението за формално и неформално образование при Советот на Европа; и г-дин Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје. Говорниците ја потенцираа клучната улога на демократското граѓанство, учеството на учениците и човековите права како основа на квалитетното образование.
Посебно внимание беше посветено на примената на Референтната рамка за компетенции за демократска култура (RFCDC) на Советот на Европа, која послужи како основа за развој на капацитетите и менторската поддршка на училиштата.
Преку интерактивна изложба, училишните тимови ги претставија своите активности и постигнувања, прикажувајќи како демократските принципи можат да се применат во секојдневната училишна практика. Учесниците имаа можност за размена на искуства и дискусија за градење демократски и инклузивни училишта во различни општествени и културни контексти.
Менторите вклучени во проектот споделија согледувања за трансформативните промени забележани на училишно ниво, вклучувајќи поголема вклученост на учениците, учество во одлучувањето и унапредена комуникација во рамки на училишната заедница.
На учесничките училишта и институционалните партнери им беа доделени сертификати и писма на благодарност, како признание за нивната посветеност и придонес во успехот на проектот. Сертификатите ги врачија г-ѓа Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, и г-дин Олег Солдатов, во име на Советот на Европа.
Работилницата заврши со дискусија насочена кон одржливоста на резултатите и понатамошното интегрирање на демократските практики во националните образовни реформи.
Проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“ е дел од пошироката поддршка на Советот на Европа за образовни системи што промовираат демократска култура, инклузивност и учество. Проектот, финансиран од Сојузна Република Германија, придонесува за развој на отпорни, права-базирани образовни средини усогласени со европските стандарди и вредности.
Повеќе информации за работата на Советот на Европа во областа на образованието: www.coe.int/education
