По успехот на двата HELP курсеви за анти-дискриминација со адвокати и правници, заедничките проекти на Европската Унија и Советот на Европа, „Промоција на различноста и еднаквоста во Северна Македонија“ и „HELP во Западен Балкан“, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители започна со спроведување на дополнителен HELP курс за анти-дискриминација. Околу 60 учесници од Академијата за судии и јавни обвинители во Северна Македонија учествуваат на онлајн курсот на HELP за анти-дискриминација.
Новиот курс ќе се фокусира на истражување и процесирање на случаи на дискриминација, процеси кои се неопходни за заштита на човековите права и еднаквост и се една од најважните алатки за борба против дискриминацијата. Северна Македонија во 2020 година го усвои новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, а на почетокот на 2021 година беше воспоставена и новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Сите овие чекори се неопходни во борбата против дискриминација и прекршувањe на човековите права. Во овој контекст, неопходно е градење и зајакнување на капацитетите на институциите и професионалците кои работат во овие полиња. Поаѓајќи од оваа цел, HELP курсот за анти-дискриминација, кој првпат беше преведен и прилагоден на македонски јазик на почетокот на 2021 година, сега се спроведува со учесници од Академијата за судии и јавни обвинители.
Во февруари 2021 беа спроведени два HELP онлајн курса за анти-дискриминација и 72 адвокати и правници успешно ги завршија курсевите. Успехот на првите два курса го поттикна интересот, но ја поттикна и потребата за спроведување на нов курс за анти-дискриминација со Академијата за судии и јавни обвинители.
Спроведувањето на HELP онлајн курсот за анти-дискриминација е заедничка иницијатива на проектите „Промоција на различноста и еднаквоста во Северна Македонија“ и „HELP во Западен Балкан“, кои се дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“.
