Конференцијата за Националната платформа за вработување, одржана на 7 мај 2025 година во Скопје, Северна Македонија, ги обедини креаторите на политики, ромските граѓански организации, меѓународните партнери и засегнатите страни од приватниот сектор за да ги истражат стратегиите за унапредување на економската инклузија на Ромите преку активни мерки на пазарот на трудот, претприемништво и иновации. Настанот нагласи дека економската интеграција на Ромите не е само прашање на социјална правда, туку и предуслов за одржлив национален раст. Тој претставуваше платформа за проценка на тековните иницијативи за вработување, споделување успешни практики и утврдување насоки за инклузивно креирање политики.
За време на настанот беше презентирана студијата „Влијание на владините мерки и политики врз вработувањето и самовработувањето на Ромите“, поддржана од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа –Интеграција на Роми III. Целта на студијата беше да се процени застапеноста на Ромите во политиките и програмите за вработување и самовработување, да се идентификуваат главните предизвици и бариери со кои се соочуваат Ромите во пристапот до овие мерки, и да се евалуира нивното влијание. Клучните наоди покажаа дека над 60% од Ромите се вклучени во неформална работа, а учеството во програмите за самовработување е генерално ниско, особено во општини со големо ромско население како Шуто Оризари, Прилеп, Битола и Куманово. Податоците исто така открија дека со само три Роми вработени од вкупно 417 вработени во една клучна агенција, културната и социјалната застапеност е алармантно ниска. Од друга страна, позитивен податок е тоа што стапката на опстанок на бизнисите меѓу ромските претприемачи кои добиле поддршка за самовработување изнесува меѓу 60 и 70%, што е блиску до националниот просек. Ова укажува дека ромските претприемачи можат успешно да ги одржат своите бизниси кога имаат соодветна поддршка, како пристап до финансиски ресурси и пазарни можности. Воведувањето на менторски програми, особено насочени кон поддршка на ромските жени, исто така беше позитивно оценето.
Само 0,7% од невработените Роми учествуваат во постојните програми за обука. Иако активните програми на пазарот на трудот бележат пораст и во апликации и во резултати за вработување, многу обуки бараат најмалку основно или средно образование. Бидејќи многу Роми имаат пониско ниво на формално образование, овој критериум ги ограничува нивните можности да учествуваат во програмите, што придонесува за ниски стапки на вклученост.
Во првата панел-дискусија за поттикнување економски раст преку активни мерки за вработување, учесниците ја потенцираа потребата од поинклузивни и флексибилни критериуми за пристап до поддршка. Говорниците нагласија дека програмите за самовработување треба да го ставаат претприемачкиот капацитет во фокус, наместо формалното образование, и дека менторството, информативните сесии и поддршката базирана во заедницата се клучни за развој и одржливост на бизнисите на Ромите. Дополнителен фокус беше ставен на поддршката за повратници, програмите за образование на возрасни, како и подобрување на пристапот до кариерно советување и прилагодени услуги за вработување. Во младинската дебата што се одржа за време на сесијата, беа изнесени грижи за прекумерна зависност од државна поддршка, при што ромските младински претставници ја изразија својата мотивација и подготвеност активно да придонесуваат во економијата.
Втората панел-дискусија беше фокусирана на поддршката на традиционалните ромски бизниси и нивниот премин кон зелени и дигитални пазари. Учесниците ја истакнаа важноста од проширување на пристапот до поддршка за иновации и дигитализација, обезбедување инклузивност во финансирањето, како и понуда на менторски и програми за пренасочување за претпријатија во сопственост на Роми. Програмите за обука во занаети кои вклучуваат дигитални и зелени вештини беа издвоени како ветувачки пристап, при што ромските млади освоија половина од сите награди на училишните натпревари – што е доказ за нивниот потенцијал. Панелистите исто така повикаа на поширок пристап до основна информатичка и комуникациска технологија и обука по странски јазици, признавајќи ја оваа област како основа за учество на Ромите во политиките за дигитална трансформација.
Националната платформа за вработување ја истакна потребата од инклузија, соработка и иновации за создавање одржливи економски можности за Ромите во Северна Македонија. Со постапување според споделените сознанија, засегнатите страни можат да ги претворат ветувачките идеи во мерлив напредок за ромската заедница. Настанот беше организиран од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа – Интегарција на Роми III во соработка со REDI – Иницијатива за економски развој на Ромите.
