"Проактивната прелиминарна идентификација на жртвите на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација од страна на трудовите инспектори овозможува нивна навремена формална идентификација и обезбедување на помош и поддршка на која жртвите имаат право ", беше заклучокот на on-line тркалезната маса за спречување и борба против трговијата со луѓе заради трудова експлоатација, организирана во партнерство со Државниот инспекторат за труд на 20 мај 2021 година.
Седумдесет и четири учесници од Државниот инспекторат за труд, Националната комисија за борба против трговија со луѓе, Кабинетот на Претседателот на Владата, Министерството за внатрешни работи и други засегнати страни од различни региони во Северна Македонија дискутираа за проценката на потребите за обука и предизвиците со кои се соочуваат трудовите инспектори во однос на идентификацијата и упатувањето на потенцијални жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација, вклучувајќи ја и родова перспектива.
Анализата на потребите за обука и предизвиците во однос на проактивно откривање, идентификација и упатување на жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација, вклучувајќи ја родовата перспектива, е направена врз основа на одговорите на прашалникот дистрибуиран во април оваа година до трудовите инспектори во Северна Македонија. Според оваа анализа, 70% од испитаниците сметале дека трговијата со луѓе заради трудова експлоатација е сериозен проблем во земјата, но сепак 63% сметаат дека нема потреба да се менува законодавството за да им се даде јасен мандат на трудовите инспектори во врска со трговијата со луѓе за труд експлоатација, додека само 14% од испитаниците идентификувале и упатиле потенцијална жртва на трговија со луѓе заради трудова експлоатација. Родовата анализа на одговорите на прашалникот открива дека најголем дел од испитаниците ниту поседуваат знаење ниту пак биле обучени за родовата перспектива на трговијата со луѓе заради трудова експлоатација.
Со цел да се зголеми разбирањето на Европската перспектива околу проактивениот процес на идентификација и помош, г-дин Стефан Ралчев, меѓународен експерт од Центарот за проучување на демократијата ги претстави релевантните европски стандарди и добри пракси во врска со ова, вклучувајќи го и примерот на Бугарскиот инспекторат за труд.
Некои од клучните препораки вклучуваат:
- јавни дебати за потребата за измена на законот со цел обезбедување на јасна правна основа за трудовите инспектори да идентификуваат и да упатуваат потенцијални жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација,
- приоритизација на секторите под зголемен ризик од трговија со луѓе заради трудоваексплоатација,
- кампањи за подигање на свеста,
- континуирана едукација за трудовите инспектори на оваа тема,
- зголемена меѓуинституционална соработка и соработка со колегите од ЕУ, како и
- обуки за родова перспектива за трудовите инспектори.
Присутните трудови инспектори ги споделија своите ставови за потребата од формирање на специјализирана единица посветена на трговијата со луѓе заради трудова експлоатација, за корисноста на листа со индикатори за проверка за трудовите инспектори и за можните измени и дополнувања на релевантното законодавство за идентификување и упатување на потенцијалните жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација.
Настанот беше поддржан од страна на проектот за "Спречување и сузбивање на трговија со луѓе во Северна Македонија ", имплементиран во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа "Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 - 2022".
