Антидискриминацијата и борбата против антициганизмот (специфична форма на расизам и дискриминација на мажите и жените Роми) се суштински принципи во поддржувањето на човековите права и промовирањето на еднаквоста во Европа. Во овој контекст, судската практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) игра клучна улога во унапредувањето на овие принципи. Со цел да се поддржат институциите во Северна Македонија во нивните напори за борба против дискриминацијата и антициганизмот во согласност со европските стандарди и најдобри практики, во Скопје се одржа активност за градење капацитети со 30 судии и јавни обвинители. Тие имаа прилика да ги усовршат своите вештини во поглед на антидискриминација, антициганизам и судската практика на Европскиот суд за човекови права. Преку неколку прилагодени сесии, учесниците дознаа повеќе за конкретните пресуди на ЕСЧП во однос на забраната за дискриминација и член 14 од Европската конвенција за човекови права, како и спецификите на антициганизмот како специфичен облик на дискриминација и расизам насочен кон Ромите и Ромките.
На една од сесиите, д-р Билјана Котевска се осврна на пристапот на Европскиот суд за човекови права при решавањето на случаите на дискриминација на Роми и Ромки. На другите сесии, судиите и јавните обвинители дискутираа и дознаа повеќе за антициганизмот и дискриминацијата насочена кон Ромите и Ромките, како и локалниот контекст со конкретни локални примери на случаи на дискриминација и претставки пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Сенада Сали од Европскиот центар за правата на Ромите елаборираше за пресудите на Европскиот суд за човекови права, со посебен осврт на пресуди во однос на Северна Македонија кои се однесуваат на Роми и Ромки и го сподели искуството на организацијата во застапувањето случаи пред ЕСЧП.
Оваа активност придонесува за континуирана обука и градење капацитети на судиите и јавните обвинители и севкупно за зголемување на ефикасноста на судскиот систем во Северна Македонија, особено кога станува збор за елиминирање на дискриминацијата врз Ромите и Ромките и спроведувањето на пресудите на ЕСЧП во Северна Македонија, како и Европската конвенција за човекови права. Исто така, придонесува за подигање на свеста за постоењето на антициганизмот и различните форми и облици во кои може да се појави, како и негативното влијание кое може да го има врз мажите, жените и децата Роми.
Двете сесии за градење капацитети беа организирани како заедничка иницијатива на програмата на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ и проектот „Борба против омраза и нетолеранција во Северна Македонија“ и заедничката програма на ЕУ и Совет на Европа, ROMACTED фаза II, граѓанската организација „РОМАЛИТИКО“, како и Академијата за судии и јавни обвинители и Европскиот центар за правата на Ромите.
