Затворски директори, судии, претставници на Народниот правобранител, академската заедница, како и на граѓанскиот сектор дискутираа во Скопје за препораките за зголемување на ефикасноста на затворската мрежа. Оваа активност следи по оценувачката мисија во јануари 2025 година, поддржана од Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција, заедничка програма на Европската Унија и Советот на Европа.
Тркалезната маса се фокусираше на клучните наоди на двата меѓународни консултанти ангажирани од Советот на Европа, кои посетија шест пенитенцијарни установи, односно затворот Куманово (со отвореното одделение во Крива Паланка), затворите Битола и Охрид (вклучително затворот за деца, како и притворското одделение за полнолетни), затворот од отворен вид во Струга, како и Воспитно-поправната установа Тетово. Во текот на нивната мисија, консултантите ги идентификуваа можностите за зголемување на ефикасноста на затворската мрежа, давајќи препораки во нивната анализа, кои ќе придонесат за подобри услови за лицата лишени од слобода, како и обезбедување на еднаков третман за осуденичките во отворените и полу-отворените одделенија.
Оваа тркалезна маса даде можност за сеопфатна дебата меѓу клучните чинители, во рамки на иницијативата на властите за рационализирање на пенитенцијарната мрежа, прва од таков вид во изминатите три децении. На овој начин се поставува основата за преземање информирани одлуки, со кои се адресираат клучните предизвици и ризици.
Имаше општа согласност за препораките кои беа споделени со институциите-корисници, за кои се потребни дополнителни финансиски, логистички и човечки ресурси, заедно со промовирање на човековите права на лицата лишени од слобода, во согласност со стандардите на Советот на Европа и најдобрите практики. Предложените измени беа оценети како навремени и релевантни, имајќи предвид дека тековно се подготвуваат измените на Законот за извршување на санкции, кои ќе ги рефлектираат наодите на анализата која беше дискутирана.
Оваа активност беше организирана во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.
