Конкретните дејствија за подобрување на здравствената заштита во затворите беше тема на дискусија на високо ниво во Скопје, организирана со поддршка на ЕУ и Советот на Европа. На состанокот учествуваа министерот за здравство г. Фатмир Меџити, заменик министерката за правда г-а Викторија Аврамовска Мадиќ, директорот на Управата за извршување на санкции г. Јовица Стојановиќ, директорите на КПУ Идризово и затвор Скопје, високи претставници на Фондот за здравствено осигурување, Здравствениот дом Скопје, како и претставници на Народниот правобранител. Лани, со владина одлука беше основана меѓу-ресорска група за следење и оценка на спроведувањето на активностите предвидени со Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем (2021-25).
Претходните анализи ги идентификуваа клучните предизвици за кои е потребна итна интервенција: зголемување на бројот на здравствени работници кои работат во казнено-поправните установи, јакнење на координативниот капацитет на Министерството за здравство, како и обезбедување на соодветна обука за здравствените работници.
Беше договорено Министерството за здравство да основа работна група како преодна мерка за јакнење на координацијата, со поддршка на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција”. Понатаму, министерството ќе ја опфати специјализацијата како мерка за поттикнување на здравствените работници. Се дискутираше и за различни процедури за здравствено осигурување на осудените лица, како и обезбедувањето лекови, за да се изнајде најефикасниот начин за размена на податоци.
Овој состанок беше организиран во рамките на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.
