Back Високи претставници на Северна Македонија дискутираа за потребните интервенции по последниот извештај на Комитетот против тортура на Советот на Европа

Високи претставници на Северна Македонија дискутираа за потребните интервенции по последниот извештај на Комитетот против тортура на Советот на Европа

Високи раководители кои работат на затворските реформи дискутираа за следните чекори во адресирање на главните предизвици, врз основа на клучните наоди на извештајот на Комитетот за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) за Северна Македонија (2023 година). На настанот на високо ниво учествуваа државниот секретар на Министерството за правда, г. Дајанчо Ефтимов, државната секретарка на Министерството за здравство, г-а Блета Рама, в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, г. Александар Пандов, високи затворски службеници и претставници на надлежните министерства како и на Народниот правобранител, Јавното обвинителство, граѓански и меѓународни организации кои работат на оваа тема. Советот на Европа беше претставуван од претседателот на КПТ, г. Алан Мичел, заменик-гувернерот на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ), г. Томаш Бочек, како и Одделот за соработка на тема полиција и лишување од слобода.

Состанокот се фокусираше на клучните аспекти и потребните интервенции, кои би ги поддржале клучните наоди на извештајот од последната посета на КПТ, објавен на 15 мај 2024 година, како и одговорите на властите кои беа објавени на 4 октомври 2024 год.

Извештајот ги подвлекува старите структурни недостатоци на затворот Идризово, истакнувајќи го физичкото несоодветно постапување од страна на вработените, како и долгите периоди на изолација на осудените лица со предизвикувачко однесување, високите нивоа на насилство меѓу осудениците, како и нехигиенските и небезбедните услови. Високата пренатрупаност во затвореното одделение само ги влошува ова проблеми. Дополнително, извештајот наведува дека здравствената заштита која се обезбедува во затворот е несоодветна и со недоволен кадар, слаб медицински скрининг на новопристигнатите осудени лица, како и несоодветно управување со лицата кои имаат состојби на злоупотреба на супстанци. Затоа е потребно Министерството за здравство да покаже повеќе лидерство во адресирање на овие недостатоци.

„Затворите се комплексни институции, за кои се потребни професионални менаџери и соодветно обучен кадар, во доволен број за раководење со тие установи. Се надеваме дека ќе има подобрување по овие прашања”, изјави Хју Четвинд, извршен секретар на Комитетот за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ), кој ја истакна потребата за подобрување на работните услови на затворскиот персонал.

Претседателот на КПТ, Алан Мичел, ја истакна важноста на обезбедувањето ефективна здравствена заштита во затворите, справувањето со раширената корупција, како и подобрувањето на материјалните услови. „За спречување на несоодветното постапување на ефективен начин, Северна Македонија има задача да обезбеди дека сите лица во затвор се третирани на достоинствен начин и обезбедени достојни услови за живот”.

Заменик-гувернерот на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек, се осврна на ефективното спроведување на договорот за кредитирање меѓу ЦЕБ и Северна Македонија, за изградба на затворот Идризово, вклучително и изградбата на притворски капацитети. „Ги поттикнуваме властите на Северна Македонија да ги адресираат останатите прашања во однос на пенитенцијарните институции, особено затворот Идризово”, истакна  Бочек.

„Советот на Европа, со поддршка од ЕУ, инвестирала значителни ресурси и експертиза во поддршка на затворските власти и нивните реформи. Остануваме посветени кон изготвување и спроведување на мерки, кои би помогнале во рехабилитацијата и реинтеграцијата на осудените лица назад во заедницата, како и подобрување на сеопштата ефективност и хуманост на затворскиот систем”, истакна Донче Бошковски, раководител на одделение II, Оддел за соработка на тема полиција и лишување од слобода, Совет на Европа.

Во текот на дискусијата, како што е истакнато и во извештајот на КПТ, одредени позитивни мерки, како што е функционирањето на Надворешниот механизам за контрола врз лицата за полициски овластувања и затворската полиција, како и одредени подобрувања во казнено-поправните установи Скопје, Прилеп, како и Штип, особено во делот на почитување на минималните хигиенски стандарди и состојба на подобрување на ќелиите.

Тркалезната маса беше можност за отворена дискусија и да се видат споредбените искуства за справување со наведените прашања, како и за конкретните дејствија кои итно треба да се преземат од властите.

Оваа тркалезна маса беше организирана во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”. 

Северна Македонија 08 октомври 2024
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page