Со цел подобрување на пристапот до правда за граѓаните во Северна Македонија со посебен фокус на жртвите од трговија со луѓе, уште една група од 20 адвокати ги зајакнаа своите вештини за обезбедување бесплатна правна помош и поддршка на жртвите од трговија со луѓе користејќи пристап фокусиран на жртвата.
Обуките беа базирани на претходно развиени материјали и беа водени од неколку искусни обучувачи, кои ја имаат поминато интензивната Програма за обука за обучувачи во јануари и февруари 2024 година, поддржана од Horizontal Facility. Адвокатите учествуваа во практични вежби и дискусии базирани на случаи, со цел примена на теоретските концепти во реални сценарија со посебен фокус на предмети кои вклучуваат жртви на трговија со луѓе. Вкупниот број на адвокати од Северна Македонија кои ја завршија оваа обука со поддршка од ЕУ и Советот на Европа изнесува 130. Тие ќе бидат во првите редови на борбата против трговијата со луѓе во Северна Македонија и ќе им помагаат на жртвите да ги заштитат своите права и да ги искористат правните средства кои им се на располагање.
Адвокатите ги проширија своите знаења за Законот за бесплатна правна помош како и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Една од главните компоненти на обуката беше зајакнувањето на вештините на учесниците за Европските стандарди, вклучително и за Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Учесниците беа запознати со пристапот со сензитивност за траумата при застапување и интервјуирање на жртвите од трговија со луѓе, клучен елемент во градењето доверба и ефикасно застапување на жртвите.
Интерактивни методологии, како играње на улоги и групна работа базирана на вистински студии на случаи, беа користени за симулација на постапки за правна помош и застапување на жртвите со посебен фокус на случаи кои вклучуваат семејно и родово-базирано насилство, деца и жртви од трговија со луѓе.
Оваа дводневна обука беше организирана во рамките на проектите “За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија” и “Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија”, кои се дел од заедничката иницијатива на Евроспката Унија и на Совет на Европа, “Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција”, во соработка со Адвокатската комора и нејзиниот Центар за обука.
