Правните клиники и граѓанските организации овластени за обезбедување примарна правна помош играат клучна улога во обезбедувањето пристап до правда и ефективна заштита на човековите права согласно европските стандарди. Во напорите за унапредување на еднаквиот пристап до правда во Северна Македонија, околу 20 студенти по право присуствуваа на првата каскадна обука за правни клиники на тема „Обезбедување бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“. Со поддршка на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ и во блиска соработка со Правната клиника за бесплатна правна помош при Правниот факултет во Штип, студентите ги зајакнаа своите капацитети со релевантни знаења и алатки за обезбедување бесплатна правна помош.
Важноста на подготовувањето на студентите по право за да придонесат во вкупниот систем на бесплатна правна помош во Северна Македонија и нивната суштинска улога во активностите на правните клиники беше нагласена во воведните обраќања од страна на Олга Кошевалиска, декан на Правниот факултет во Штип, и Милица Шутова, раководител на Правната клиника за БПП во Штип. Тие го истакнаа значењето на работата на клиниките, каде студентите се вклучени во решавање на реални случаи, истакнувајќи ги заемните придобивки: обезбедување на правна помош за поединци кои се соочуваат со реални правни предизвици и обезбедување на практично искуство на студентите за подобрување на нивните правни вештини.
Посебен панел беше посветен на правната помош за жртвите на кривични дела и трговија со луѓе, организиран во соработка со проектот на ЕУ и Советот на Европа: „ Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија “. Ирена Здравкова, консултант на Советот на Европа, ги информираше учесниците за Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе и нејзиното тело за мониторинг - Групата на експерти за акција против трговијата со луѓе. Дополнително, учесниците беа информирани за неодамна формираната Државна комисија за паричен надоместок на жртвите од кривични дела со насилство, како и за постапката за поднесување барање за државно обештетување за жртви на трговија со луѓе.
Во текот на обуката, учесниците ги зајакнаа своите вештини преку практични вежби и студии на случаи на различни теми поврзани со бесплатна правна помош. Овој пристап овозможува студентите ефективно да ги применат теоретските концепти во реални сценарија. Тие го подобрија своето знаење за примарната и секундарната правна помош, како и за правната помош за жртви на семејно и родово базирано насилство и случаи каде што се вклучени деца.
Обучените обучувачи, Ивона Шушак Лозановска (раководител на правната клиника во Битола) и Андријана Марковска (претставник на овластена организација на граѓанското општество), ги демонстрираа своите новостекнати вештини од обуката на обучувачи одржана во април 2024 година, работејќи под менторство на двајца локални консултанти.
Оваа обука е организирана со поддршка на акцијата „Кон консолидиран и поефикасен систем на бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, која е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.