Правните клиники овластени да обезбедуваат примарна правна помош играат витална улога во промовирањето на пристапот до правдата и почитувањето на човековите права во согласност со европските стандарди. Во продолжение на напорите за зајакнување на еднаков пристап до правдата во Северна Македонија, 16 студенти по право учествуваа на втората каскадна обука за „Обезбедување бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ што се одржа во Универзитетската библиотека во Битола.
Поддржана од Европската Унија и Советот на Европа и организирана во тесна соработка со Правната клиника на Правниот факултет во Битола, обуката ги зајакна капацитетите на студентите пренесувајќи им практично знаење и алатки неопходни за давање бесплатна правна помош.
Ивона Шушак (раководител на Правната клиника во Битола) и Ирена Цуцулоска (виша проектна раководителка во Советот на Европа), ја истакнаа важноста од подготвувањето на идните правни професионалци активно да придонесуваат во системот за бесплатна правна помош во Северна Македонија. Тие истакнаа како правните клиники им нудат на студентите реално искуство, овозможувајќи им да го применат своето академско знаење додека им помагаат на поединците кои се соочуваат со вистински правни предизвици - заемно корисна размена која истовремено ги зајакнува и учењето и спроведувањето на правдата.
Посебна сесија беше посветена на правна помош за жртвите на кривични дела и трговија со луѓе, одржана во соработка со проектот на ЕУ и Советот на Европа "Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија". Ирена Здравкова, консултант на Советот на Европа, ја презентираше Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе и нејзиниот механизам за следење, ГРЕТА (Група на експерти за акција против трговијата со луѓе). Учесниците беа запознаени и со работата на новоформираната Државна комисија за компензација на жртвите на насилни кривични дела и процедурите за пристап до компензација за жртвите на трговија со луѓе.
Во текот на обуката, студентите се занимаваа со практични вежби и студии на случаи, помагајќи да се премости јазот помеѓу теоријата и практиката. Тие ги истражуваа клучните теми за бесплатна правна помош, вклучително и разликата помеѓу примарна и секундарна правна помош и обезбедување поддршка во случаи кои вклучуваат семејно и родово-базирано насилство, како и случаи поврзани со деца.
Обуката беше организирана со поддршка на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ којшто е дел од заедничката програма на Европската Унија и на Совет на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“.
