Шеснаесеттиот состанок на Националното координативно тело за спроведување на Законот за бесплатна правна помош (НКТ) се одржа во Скопје, со цел да се дискутираат најважните предизвици поврзани со функционирањето на системот за бесплатна правна помош во Северна Македонија.
На овој настан, поддржан од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, и во тесна соработка со Министерството за правда, присутвуваа околу 40 учесници во живо и околу 25 учесници онлајн. Тие ги претставуваат клучните институции (и членови на ова тело) во областа на бесплатната правна помош, вклучително Министерството за правда и неговите подрачни одделенија/канцеларии, Адвокатската комора и адвокатите, како и граѓанските организации и правните клиники овластени за обезбедување бесплатна правна помош. Настанот беше проследен и од судии од Управниот суд, претставници на Агенцијата за катастар на недвижности и УНДП.
Во своето воведно обраќање, заменик-министерот за правда, Ален Деребан, ја истакна важноста на пристапот до правда за сите преку обезбедување бесплатна правна помош за оние што не можат да си ја дозволат. „Владеењето на правото е основен принцип на секоја современа држава. Еден од клучните аспекти на овој принцип е обезбедувањето пристап до правда за сите. Важноста на бесплатната правна помош ја потврдуваат и самите статистики. Само во изминатата година, 5030 наши сограѓани добиле примарна правна помош преку Министерството за правда, овластените здруженија и правните клиники,“ изјави заменик-министерот.
Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, изрази искрена благодарност до давателите на бесплатна правна помош и институциите-корисници за нивната добра соработка и активното учество на состаноците на ова тело, потенцирајќи ја нивната важна улога во обезбедувањето пристап до правда во согласност со Член 6 од Европската конвенција за човекови права.
Дискусијата се фокусираше на неколку важни прашања, вклучително и планирањето на буџетот за трошоците за бесплатна правна помош во рамките на Министерството за правда согласно Законот за бесплатна правна помош, како и прашањето за спроведувањето на Член 11 од Законот за бесплатна правна помош (финансирање на овластени граѓански организации и правни клиники). Присутните изразија загриженост за неисполнувањето на оваа законска обврска од страна на Министерството за правда во последните три години.
Понатаму, претставниците на Агенцијата за катастар на недвижности ги информираа учесниците за неопходните предуслови за електронски пристап до базата на Катастарот за овластените лица од Министерството за правда при прибирање на информации за имотот кој го поседуваат барателите на секундарна правна помош. Учесниците се согласија дека електронскиот пристап до оваа база значително ќе го поедностави нивното работење и ќе ја зголеми нивната ефикасност.
Дискусијата исто така ги опфати новитетите во Законот за правда за децата, посебно во делот на надоместокот за адвокатите што обезбедуваат правна помош и предизвиците во праксата.
Дополнително, присутните беа информирани околу Законот за вештачење и процесот на усвојување на тарифата за услуги на вештаци.
Учесниците уште еднаш ја истакнаа потребата за започнување на широк, транспарентен и инклузивен процес за натамошно изменување на Законот за бесплатна правна помош (втора фаза), во согласност со претходните заклучоци на НКТ.
Проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош во Северна Македонија“ е дел од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“, заедничка програма на Европската унија и Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа. Проектот ќе продолжи да го поддржува Националното координативно тело за бесплатна правна помош, со цел подобрување на координацијата и комуникацијата меѓу главните чинители во системот за бесплатна правна помош во иднина.
